По пауза од скоро 10 години, екипа од Санкт Петербург повторно ќе игра во женскиот шампионат во Русија, откако составот на Балтичка Зора, во која настапува и поранешната репрезентативка на Русија, Ана Виноградова, обезбеди пласман во руската елита.
Левото крило Ана Виноградова заедно со левиот бек Оксана Орехова, која исто така го носи дресот на Балтичка Зора, во својата кариера настапуваа и за поранешниот шампион на Македонија, Вардар.
Виноградова и Орехова беа меѓу првите засилувања во скапиот проект на Вардар. Орехова не се задржа многу во „црвено-црниот“ дрес, одигра само една полусезона, додека Виноградова во вардаровиот табор играше од 2012 до 2014 година.
Искусното лево крило првата сезона во Вардар ја мина во првиот тим, додека во втората сезона беше дел од вториот тим. Откако го напушти Вардар се пресели во Минск, клуб кој во сезона 2014/15 се обиде да обезбеди пласман во Лигата на шампионите. Виноградова пред да се врати во „зборнаја“ настапуваше во шампионатот на Финска, во дресот на ХИФК.
Во Русија настапува уште една екс ракометарка на Вардар, македонската репрезентативка, Сара Ристовска, која е членка на рускиот вицепрвак ЦСКА Москва.