Денеска во седиштетот на Европската ракометна федерација беа извлечени паровите за првите натпревари во Лигата на Европа и Европскиот Куп во машка и женска конкуренција.
Покрај натпреварите на Еурофарм Пелистер 2 и Алпла Хард, за македонската јавност ќе биде интересен и двомечот на швајцарскиот тим Амичитија Цирих, каде што игра Мартин Поповски и полскиот Горњик Забже.
Дербито на првото квалификациско коло е меѓу шпанската Ла Риоха и бундеслигашот Лемго, кои лани играа во групната фаза на Лигата на Европа. Првите натпревари се на 27/28 август, а реваншите една недела подоцна.
Во женска конкуренција, беа извлечени паровите за второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Некогашниот великан Хипо ќе се соочи со германскиот Олденбург, а францускиот Шамбре ќе игра против Турингер.
Ќе има и хрватско-српски дуел меѓу Далматинка и Железничар Инџија. Првите натпревари од ова коло ќе се играат на 8/9 октомври, додека реваншите се една недела подоцна.
Во машкиот Европски Куп, Аце Станковски со косовокиот Кастриоти за ривал ја доби босанската Грачаница, додека Градимир Чаневски и израелскиот Макаби Ришон Ле Зион ќе се соочат со Словењ Градец.
Во женскиот Европски Куп, покрај натпреварите на македонските претставници, ќе ги следиме и македонските интернационалки. Симона Гроздановска со швајцарскиот Винтертур за ривал ја доби Хувента Михаловце, додека Зорица Десподовска со полскиот Кобержице ќе игра против косовскиот Феризај каде лани настапуваа Мери Гичева, Ива Стојковска и Лина Треноска.
Турската екипа Анталија Коњалти на Моника Јанеска и Ивана Гакидова за ривал го доби составот на Пилаја од јужниот сосед на Македонија.