Две Грузијки за посилен Чаир

Петтопласираната екипа од изминатата сезона во Женската лига, Чаир, за новата сезона планира повисок пласман, односно борба за првите позиции на табелата.

За таа цел, како и за успешно претставување на екипата во ЕХФ Европскиот Куп, Чаир донесе уште две засилувања.

Станува збор за грузиските репрезентативки, голманката Мариами Чавчидзе и десното крило Мариами Микелидзе. Чавчидзе има 21 година, додека Микелидзе е една година повозрасна.

Претходно Чаир се засили со пивотот од Босна и Херцеговина, Амела Џакмиќ, како и со бекот Марија Николовска.

Во ЕХФ Европскиот Куп, Чаир ќе стартува од второто коло, а ривалот за настапите на меѓународна сцена ќе го дознае на 19 јули.