Поранешниот ракометар на Вардар, Сергеј Горбок во првиот тренерски предизвик ќе има шанса со својот тим, Виктор Ставропол, да го освои трофејот во Супер купот на Русија кој секоја година се одржува пред стартот на руското првенство.
Како што е веќе познато, екс ракометарот на Вардар пред извесен период ја наследи тренерската функција во рускиот суперлигаш од Ставропол. Довчерашниот тренер на клубот, прославениот руски репрезентативец, Константин Игропуло реши да ја прифати понудата од Барселона и во новата сезона ќе му биде асистент на Карлос Ортега.
Екипата на Виктор Ставропол како освојувач на рускиот Куп и екипата на Чеховски Медведи, како освојувач на титулата во првенството од минатата сезона, ќе се борат за освојување на Супер купот на Русија.
Натпреварот меѓу Виктор Ставропол и Чеховски Медведи ќе се одигра на 11 септември во Чехов, а саатницата за овој дуел треба да биде позната во следниот период.
Чеховски Медведи ги има освоено сите трофеи во Супер купот на Русија кој се одржува од 2014 година. Во ланското издание, кое исто така беше одиграно во Чехов, ракометарите на Чеховски Медведи беа подобри од Пермски Медведи со еден гол разлика, 27:26.
Поранешен ракометар на Вардар заплива во тренерските води – ќе предводи руски суперлигаш