Maшката репрезентација на Македонија ја очекува осмиот настап на Светско првенство. Ждрепката за Полска и Шведска, што ќе почне денеска од 17:00 часот, нашите ракометари ќе ја чекаат од вториот шешир.
Тоа значи дека ги избегнуваат Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Црна Гора, Бразил и еден од домаќините, Полска, а нема да играат ниту против Франција и африканскиот првак. Во комбинација за градови во кои може да игра нашата селекција остануваат Краков и Катовице, како и Гетеборг, Јончепинг и Малме.
Досега се познати 27 учесници, откако минатата недела беше објавено дека вајлд-картите одат кај Словенија и Холандија, а мундијалски билет доби и САД.
Дополнително ќе бидат познати уште пет учесници од африканската зона, бидејќи нивното првенство ќе се одржи од 11 до 18 јули во Египет.
Домаќините на СП, Полска и Шведска, веќе распределија дел од репрезентациите што имаат обезбедено мундијалски билет по градовите домаќини. Шпанија и Норвешка ќе играат во Краков, додека Полска во Катовице. Шведска ќе игра во Гетеборг, додека Данска во Малме. Исланд е домаќин во Јончепинг, Германија во Катовице, додека Хрватска ќе игра во Кристијанштад.
Мундијалот во Полска и Шведска ќе се игра од 11 до 29 јануари.
група А (Краков) – Шпанија
група Б (Катовице) – Полска, Франција/Африка 1
група Ц (Гетеборг) – Шведска
група Д (Јончепинг) – Исланд
група Е (Катовице) – Германија
група Ф (Краков) – Норвешка
група Г (Кристијанштад) – Хрватска, Франција/Африка 1
група Х (Малме) – Данска