Со 56 трофеи освоени на официјални натпреварувања, со можност колекцијата да биде зголемена за уште еден трофеј во финалето на Купот на Франција, Кире Лазаров објави крај на кариерата.
Најдобриот стрелец во Лигата на шампионите, како и единствениот што станал најдобар стрелец на ЕП и СП, става точка на играчката кариера. Но нема пауза од ракометот, бидејќи продолжува со тренерскиот предизвик.
„Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници“, напиша Лазаров.
Тој ќе ја води Македонија на Мундијалот во Полска и Шведска во 2023 година, а претходно ќе го чекаат и нови предизвици во квалификациите за ЕП 2024 против Португалија, Турција и Луксембург.