Тиквеш го среди Охрид и ја продолжи трката за европски билет!

Ракометарите на Тиквеш ја продолжуваат трката по место во европските купови, откако на домашен терен го победија составот на Охрид со 28-22. Сега Тиквеш има 9 бода на четвртото место, а Еурофарм Пелистер 2 е петти и има 8 бодови. Кавадарчани во последното коло гостуваат кај Вардар, додека битолчани одат во Охрид.

Во првото полувреме и двете екипи имаа свои моменти, но ниту една не се одлепи на повисока предност. Кавадарчани имаа во два наврати по плус два гола, охриѓани исто така, но по 9-11, Тиквеш врза два гола и израмни на 11-11.

Беше 12-12 во 25 минута, а тој резултат остана до паузата, бидејќи ниту домашните, ниту гостите не ги искористија своите напади во последните пет минути.

Во второто полувреме Тиквеш успеа да се одлепи на плус три, 18-15, но тоа што тешко го доби, лесно го загуби. Охриѓани не се откажуваа од бодови на овој натпревар и во 45 минута израмнија на 19-19.

Окардов и Темелкоски донесоа 22-20, а по одбраната на голманот Велков, повторно стрелаше Темелкоски и ја најави победата на домашните. Кога искусниот Јанчев и Кондев со атракција донесоа 25-20, беше јасно дека триумфот останува во Кавадарци.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Симиќ со осум и Јанчев со пет погодоци, додека кај Охрид се истакнаа Манасков и Костов со по пет гола.