Денес, екипите на Борец и Кичево го отворија 9.коло од плеј-аут фазата во Првата машка лига. Во спортската сала „Гемиџии“ домаќинот запиша убедлива победа, откако триумфираше со 57:44 (23:18), а овој натпревар сигурно ќе влезе во аналите на македонскиот ракомет меѓу натпреварите во сениорска конкуренција на кои имаат паднато повеќе од 100 гола.
Претходно во младинската лига оваа сезона, Металург РА и Металург постигнаа 108 гола во мечот што заврши 55-53.
И двете екипи во денешниот дуел, во кој беа постигнати 101 гол, настапија со само девет ракометари, односно една постава.
Претходно оваа сезона, тимот на Алкалоид, во регуларниот дел од Првата лига постигна 56 погодоци против Кичево во мечот што заврши 56:21. Против истиот тим, исто така во регуларниот дел, Голден Арт постигна 55 погодоци.
Тројца ракометари од редовите на Борец постигнаа вкупно 33 погодоци на денешната средба. Листата на стрелци кај домаќините беше предводена од Лазар Стојанов со 12 погодоци, втор стрелец беше Стефан Гугуталиев со 11 гола, додека ракометарот кој беше на поширокиот список за кадетската репрезентација кај селекторот Раде Стојановиќ, Илија Табаков, десетпати ја погоди мрежата на гостите.
Убедливо најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Кичево, Александар Мирчевски со 14 погодоци. Неговиот соиграч, Филип Тошев, беше втор стрелец во кичевскиот состав со осум постигнати погодоци.