Второпласираната екипа во плеј-аут фазата во Женската лига, Астибо, на незгодното гостување во Автокоманда кај Шампион немаше многу сили за надигрување, беше поразена со 30:23, во натпревар од 12. коло.
Ракометарките на Шампион во текот на првите 30 минути константно беа во водство и уште од стартот ја диктираа играта на терен. Екипата од Штип успеа да им парира на домаќинките само во воведниот дел кога на трипати го израмнуваше резултатот на 1:1, 2:2 и 6:6.
Димитриевска и Неделковска со своите погодоци ја одржуваа резултатската предност на својот тим во првото полувреме. Астибо не успеа да фати приклучок и дозволи домаќинките на полувреме да заминат со водство од плус четири, 16:12.
Шампион во второто полувреме имаше лесна задача и постојано ја одржуваше предноста од првиот дел. Ракометарките на Слободан Чивлачки во неколку наврати имаа шест-седум гола разлика, а во последните десет минути влегоа со водство од 25:20. Гостинскиот состав не успеа да реализира неколку напади, па така Шампион на крај дојде до убедлива победа.
Најефикасни во победничката екипа беа Нина Неделковска и Мила Филипова со по седум гола. Во поразениот табор, Марија Анчева ги предводеше стрелците со 11 гола, од кои пет беа реализирани од пенал.