Третопласираниот тим на табелата во суперлигашкиот плеј-оф, Бутел, одигра уште една одлична партија на домашен терен, овојпат против Охрид, триумфираше со 19:17. Бутел во претходното коло славеше против Еурофарм Пелистер 2 со 28:19. За Охрид, математички пропаднаа сите варијанти за настап на европска сцена.
Двете екипи се надигруваа во првите 30 минути и ниту една од нив не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Како домаќините, така и гостите имаа лош почеток, и за 12 минути игра беа постигнато вкупно пет гола. По нерешениот резултат од 4:4, избраниците на Раде Стојановиќ постигнаа два гола во низа за 4:6.
Охриѓани предноста од два гола ја одржуваа речиси до крајот на првото полувреме, но во последните пет минути дозволија домаќините да направат повторно пресврт. Бутелци при резултатска негатива од 6:8, за четири до пет минути направија серија од 4:0 и на полувреме заминаа со плус два гола разлика, 10:8.
Бутел во второто полувреме зголеми на највиски три, 15:12. Гостите од Охрид со двата гола на Ивановски дојдоа на минус еден, 15:14, но немаа сили за комплетен пресврт. Чаневски ја потврди добрата форма и со неколку интервенции ги откажа охриѓани во намерата да направат нешто повеќе во овој дуел. Резултатот на осум минути пред крајот беше 18:15 во корист за домаќинот, додека Охрид само го ублажи поразот на минус два со голот на Младеновиќ во последната секунда.
Најефикасни во победничката екипа беа Марко Митев и Владимир Јевтиќ со по пет гола. Во Охрид листата на стрелци беше предводена од Мартин Ивановски, кој исто така имаше пет реализации.
|
БУТЕЛОХРИД
2 мај 2022
19 - 17
Крај
|