Дуелот од плејаутот во Прва лига меѓу Кичево и Преспа заврши со реми, 26-26, но лесно можеше да се случи истиот да биде прекинат, откако во 49 минута домашниот тренер Драган Кузманоски ги нападна судиjата Александар Груевски кој доби удар. Камерата која го снимаше мечот го сними моментот кога Кузманоски „дели правда“, но затоа претходно снимаше паркет, додека се случуваше спорниот момент поради кој и беше инцидентот. А и потоа кога се расчистуваше ситуацијата.
Видео снимката покажува дека и кај судиите имало дилема дали да го прекинат мечот, по нападот врз нив, но сепак решиле истиот да се доигра, а веројатно Дисциплинската комисија на РФМ ќе има полни раце работа. Судијата Груевски по нападот врз него покажува прекин на средбата, но потоа се премислува.
Судиската двојка од Битола, Александар Груевски и Ѓорѓи Чардаров имаше многу работа во Кичево, и поделија вкупно 15 исклучувања, 12 кај домаќините и три кај гостите, но и три црвени картони за составот на Кичево
И на првата пресметка меѓу двете екипи од плеј-аутот која беше одиграна во Ресен беше спречен инцидент.
Без лидерот на стрелците, Мојсие Тасески, домаќините не можеа да го скршат отпорот на Преспа, која во Кичево допатува со само една постава. Ракометарите на Кичево во текот на првото полувреме константно беа во водство од еден до два гола разлика, додека на пауза заминаа со плус три, 15:12.
Преспа предводена од Божиновски и Шабединовски не се предаваше и за неколку минути игра во вториот дел го израмни резултатот на 16:16, а потоа имаше и предност од 18:19. Следуваше период во кој двете екипи се менуваа во водство. При нерешен резултат од 25:25, Јолески реализираше за 26:25, додека ракометарот на Преспа, Леровски, со гол во последната секунда ги постави конечните 26:26.
Најефикасен на натпреварот беше членот на Преспа, Андреј Божиновски со десет гола. Кај Кичево се истакнаа Петар Јолески и Дарио Јаковлески со по пет погодоци. Кичево во следното ќе гостува во Автокоманда кај „фенерџијата“ Шампион. Преспа на свој терен ќе биде домаќин на Текстилец.