Екипата на Еурофарм Пелистер стигна до сигурна победа на гостувањето кај Тиквеш во 5. коло од плеј-офот во Супер лигата со 26:32 и го задржа првото место на табелата пред клучниот натпревар со Вардар.
Тиквеш имаше сили за отпор едно полувреме, но сепак фаворитот не дозволи изненадување. Домашните добро отворија и со помош на голманот Александар Стојаноски кој имаше неколку одбрани поведе со 4:1. Еурофарм Пелистер со серија од четири гола поведе за првпат на натпреварот после десетина минути игра.
До крајот на првиот дел се играше доста израмнето, во последните минути од првото полувреме Тиквеш беше постојано во водство, а така беше и на паузата кога тимот на Горан Андоноски имаше минимална предност од 16:15.
Во продолжението на натпреварот Еурофарм Пелистер го крена нивото на игра и веднаш ја презема контролата на играта и резулатот. Во 43. минута за првпат поведоа со два гола, 18:20 и до крај на натпреварот не дозволија Тиквеш повторно да се врати во игра.
Јосип Божиќ Павлетиќ беше убедливо најрасположен за игра и постигна 13 погодоци, а веднаш зад него исто така максимално ефикасен беше Стипе Мандалиниќ со девет во тимот на Еурофарм Пелистер. Одличен на голот на битослкиот тим беше Мартон Секељ со 16 одбрани. За Тиквеш најефикасен беше Стефан Трпчевски со шест гола, а по пет постигнаа Симиќ и Дрогришки, додека голманите Велков и Стојановски има по четири интервенции.
|
ТИКВЕШ 2014ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
29 април 2022
26 - 32
Крај
|