Нексе со предност ќе патува кај ГОГ, Нант без Лазаров немоќен против Магдебург

Ракометарите на Нексе одиграа добар натпревар во четвртфиналето од Лигата на Европа и на домашен терен во првиот натпревар остварија победа против ГОГ од 32:27. После првиот дел избраниците на Бранко Тамше имаа предност од 16:14. Во продолжението разликата најчесто беше три или четири гола, а највисоката предност на Нексе беше пет гола.

До крајот се играше најчесто гол за гол и Нексе успеа да стигне до добра предност од пет гола пред возвратниот дуел во Данска на кој ќе се обиде да направи огромен успех. Халил Јагањац го водеше Нексе со девет гола, а кај ГОГ најефикасен беше Џери Толбринг со седум гола.

Кире Лазаров не беше во составот на Нант кој на домашен терен одигра израмнет натпревар со Магдебург и иако имаше водство во поголемиот дел од натпреварот на крајот загуби со 25:28.

После првиот дел Нант имаше два гола предност 13:11, но Магдебург брзо успеа да го сврти резултатот во своја корист и да обезбеди предност пред реваншот. Ривера со шест гола беше најефикасен кај Нант, а Магнусон кај Магдебург исто така со шест гола беше прв стрелец.

Ракометарите на Горење имаа сили за едно полувреме на гостувањето кај Бенфика и после 30 минути игра имаа водство од 16:18, но сепак во вториот дел домашниот тим стигна до убедлив триумф од 36:29.

На раваншот во Велење словенечкиот тим ќе има тешка задача да надомести негатива од седум гола. Најефикасен со тимот на Бенфика беше Петар Ѓорѓиќ со девет гола, а Лазар Кукиќ постигна осум. Во екипата на Горење прв стрелец беше Ибрахим Хасељиќ со шест погодоци.

ЛИГА НА ЕВРОПА ЧЕТВРТФИНАЛЕ, РЕЗУЛТАТИ

КАДЕТЕН – ВИСЛА ПЛОЦК 31:33 (18:19)
БЕНФИКА – ГОРЕЊЕ 36:29 (16:18)
НАНТ – МАГДЕБУРГ 25:28(13:11)
НЕКСЕ – ГОГ 32:27 (16:14)