Репрезентацијата на Македонија обезбеди ново учество на мундијалите откако во реваншот од бараж дуелот со Чешка стигна до потребната победа.
Филип Талески одигра одличен натпавар погодуваше во клучни моменти и беше стрелец на вкупно шест гола. Тој имаше свое видување за натпреварот.
„Очекувавме ваков тежок натпревар и селекторот ни го нагласи тоа, Чесите покажаа дека не се селекција за потценување. Направија промена на генерација и навистина играат цврст ракомет. Дојдоа мотивирани што се виде и на теренот, но желбата наша и на публиката беше пласман на Светско првенство и тоа го остваривме на големо задоволство. Потешко беше да се игра во Скопје, знаевме дека ќе имаме голема поддршка и имавме притисок да не ги разочараме особено кога ја видовме салата полна уште на загревање“, рече Талески.
Исто така Талески прокоментира и за иднината на македонскиот ракомет, односно дека е тој и останатите помлади соиграчи се подготвени да ја преземат одговорноста.
„Подолг период и јас и Кузмановски се бориме со тоа да ја преземеме одговорноста од нашите постари соиграчи и да го продолжиме тоа што го правеа тие. Сега сфативме дека сè останува на нас и покажавме со Романија и со Чешка дека можеме. Не смее да не демотивира ништо, покажавме дека сме тим и дека ја сакаме Македонија. Сметам дека со заедништво и сплотеност можеме да направиме многу добри резултати“, заврши Талески.
Македонија противниците за Мундијалот ќе ги добие на 2 јули, а во пресрет на новиот квалификациски циклус може мирно да започне со подготовки.