Репрезентацијата на Црна Гора по пауза од девет години повторно ќе биде дел од светската ракометна мапа откако во реванш натпреварот од бараж двомечот за СП против Грција оствари убедлив триумф од 33:25, со што ја анулираше негативата од првиот натпревар, кој заврши со победа на Грција од 25:23. Јунак на мечот беше голманот Небојша Симиќ, кој собра 18 одбрани.
Црногорците, кои на овој натпревар имаа поддршка од околу 6000 навивачи во СЦ „Морача”, уште од самиот старт започнаа фуризно и веќе по пет минути игра имаа водство од 3:0. Грците првиот гол го постигнаа во 7 минута и сѐ до првата половина од првиот дел имаа потешкотии во својата организација на нападите.
По водството на Црна Гора од 7:4, следуваа два гола на гостите за минус еден гол, 7:6, но до крајот на првото полувреме избраниците на Зоран Рогановиќ знаеја како да одиграат и како да дојдат до голот на противникот, иако, во одредени моменти имаа мал пад во играта. По 30 минути игра, резултатот беше 16:12 во корист за домаќинот.
Грција во 35 минута целосно се врати во игра намалувајќи на 18:17. Во следниот период, во кој Црногорците одржуваа позитива од еден гол, гостите не успеаја да направат целосен пресврт. Црна Гора во последниот период од натпреварот влезе со предност од четири гола разлика, 24:20, и во последните десет минути си го одработи своето, обезбеди пласман на Светското првенство во Шведска и Полска.
Кај Црногорците одличен беше голманот Небојша Симиќ со 18 интервенции, додека листата на стрелци беше предводена од Бранко Вујовиќ со девет погодоци. Во репрезентацијата на Грција најефикасен беше Димитрос Цирас со осум гола.