Лидерот во плеј-аут фазата во Женската лига, Овче Поле СУ, во рамки од 10. коло дојде до победа против Спартак со 25:23, во натпревар каде двете екипи одиграа две различни полувремиња.
До првата половина од првиот дел се играше гол за гол и најчесто резултатот беше изедначен. По нерешениот резултат од 5:5, гостинките од Кисела Вода со два гола во низа, кои ги постигнаа Бочваровска и Андовска, се одлепија на два гола разлика, 5:7. Тоа беше причина тренерот на Овче Поле СУ, Илија Бетувски, да повика тајм-аут.
Сепак, гостинската екипа од Кисела Вода продолжи со одличната игра на терен и при водство од 10:7 дозволи домаќинките да направат камбек и да се вратат во игра. Ракометарките на Овче Поле СУ со серија од три гола го израмнија резултатот на 10:10, а на полувреме, исто така беше нерешено, 11:11.
Во второто полувреме се разигра Димова, која постигна шест гола и главно со нејзините погодоци беше скршен отпорот на противникот. Овче Поле СУ со серија од 5:0 направи висока предност од 21:15 и до самиот крај ја диктираше играта на терен. При самиот финиш имаше мал пад во играта на домаќинките. Тоа беше искористено од страна на Спартак, кој успеа само да го ублажи поразот.
Најефикасна во победничката екипа беше Диана Димова со седум гола, шест во второто полувреме. Кај Спартак, стандардно листата на стрелци беше предводена од Ангела Гроздановска со осум погодоци.