Репрезентацијата на Македонија утре во Скопје ја очекува реваншот од бараж двомечот против селекцијата на Чешка. Во Злин Македонија водеше и со „плус 7“, но во завршницата Чесите се вратија и се изборија за реми 24:24.
Голманот на чешката репрезентација, Томаш Мрква порача дека многу е важно да го издржат почетниот притисок кој ќе го создаде публиката во Скопје.
„Почнуваме од 0:0, односно 24:24 од првиот натпревар. Мора да го издржиме почетниот притисок кој ќе го создаде публиката, тоа ќе биде една од најважните работи. Исто така се надеваме дека ќе спроведеме на теренот се што замислил нашиот селектор“.
Мрква смета дека последните 15 минути од Злин се показател како треба да играат.
„Ја анализираме играта од првиот натпревар, сакаме да ги поправиме грешките и да се претставиме во нашето најдобро светло. Во последните 15 минути покажавме дека ако се браниме како што знаеме и можеме тогаш не сме без шанси“, изјави Мрква.
Натпреварот помеѓу Чешка и Македонија се игра утре од 19:00 часот, а билетите за овој натпревар се распродадени и македонските ракометари ќе имаат огромна поддршка од публиката.