Машката репрезентација на Македонија ја очекува реванш средбата од бараж двомечот за пласман на СП против Чешка.
На првиот меч во Злин беше 24-24, а левиот бек Филип Кузмановски вели дека со помош на публиката, Македонија може да се избори за место на Мундијалот.
„Бевме подготвени за Чешка, мислам дека не нè изненадија со ништо. Покажавме таму дека можеме да играме со нив, и во првото и во второто полувреме, особено во одбраната, што беше една од нашите задачи, исто како и од полуконтра да направиме разлика. Можеби ние малку се изненадивме кога водевме со седум гола разлика. Се опуштивме, на крајот ни беше криво. Сега имаме нова шанса. Не очекува тежок натпревар, ќе анализираме, знаеме дека нема да биде лесно, но со нашата публика ќе имаме голема мотивација и ќе се избориме за пласман на СП. Кога ќе играш пред 7.000 гледачи, не постои психолошка исцрпеност, мотивацијата е уште поголема. Поквалитетни сме од Чешка, кога ќе видиме на секоја позиција, но тоа мораме да го покажеме на терен. Имаме уште два дена за подготовка и се надевам на победа“, изјавии Кузмановски.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.