Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете македонски интернационалки, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Купот на Турција откако во четвртфиналниот натпревар против Измир славеше убедлива победа, со резултат 36:29.
Јанеска и Гакидова на овој натпревар постигнаа по два погодоци и покажаа добра игра во одбраната. Победничката екипа беше предводена од поранешната ракометарка на Вардар, Алена Ихнева, која заедно со репрезентативката на Црна Гора, Сања Премовиќ, постигнаа по осум гола. Прв стрелец кај Измир беше екс членката на Кометал ЃП, Јелиз Озел со шест погодоци.
Освен Коњалти, место на Ф4 турнирот во Купот на Турција обезбедија и екипите на Јенимахал, Јаликавак и главниот фаворит за освојување на титулата, Кастамону. Првите полуфинални натпревари ќе стартуваат на 7 мај, додека финалето и натпреварот за трето место се закажани за 8 мај.
Прва пречка за Коњалти ќе биде составот на Јенимахал. Екипата на Јанеска и Гакидова во полуфиналето против Јенимахал ќе ја има фаворитската улога, со оглед на фактот дека двапати беше подобра, со 38:31 и 35:25, во натпреварите од домашното првенство. Во второто полуфинале ќе играат Кастамону и Јаликавак. Домаќин на завршниот турнир ќе биде градот Сивас.