Во рамки од Плеј-Аутот во машка конкуренција ракометарите на Преспа приредија изненадување и со десет играчи во составот славеа убедлива победа против Македонија Ѓорче Петров со 27:17.
Натпреварот започна со промашувања, првиот гол го постигна Ѓорѓевски Александар за Македонија Ѓорче Петров во третата минута, три минути се чекаше за Преспа да изедначи преку Џуклевски Бојан. По овие два гола следуваше период од пет минути без гол, тогаш започна нешто поефикасна игра. Гостите без погодок беа десет минути, до 13. минута, тогаш беше прекината серијата на Преспа од 4:0.
Гостите не дозволија домаќинот да се одлепи и до финишот на полувремето гледавме поефикасна игра со „гол за гол“ на двете страни. Во последните минути од првиот дел Преспа сепак направи разлика од 12:9 со која замина на пауза.
Гостите попуштија во вториот дел и како што одминуваше натпреварот предноста на домаќините се зголемуваше. Како клучна се покажа новата серија од 4:0 после која Ѓорче Петров не се врати во игра, во самиот финиш од мечот Македонија ЃП целосно попушти, па ракометарите на Преспа стигнаа и до двоцифрена предност (25:15). Тука веќе беше јасно кој ги освојува бодовите од оваа средба.
Најефикасни во редовите на победничкиот тим беа Мишевски Били и Божиновски Андреј со по седум гола, додека кај гостите од Ѓорче Алескандар Ѓорѓевски и Ѓиноски Максимилијан постигнаа по шест, односно четири гола. Треба да се спомене и дека на 20 минути до крајот црвен картон заработи Јаневски Јованчо од Ѓорче Петров.