Машката сениорска репрезентација на Македонија ги започна подготовките за бараж двомечот со Чешка за пласман на Светското првенство во Полска и Шведска.
Селекторот Кире Лазаров вели дека Чешка е сериозна репрезентација и мора кон неа да гледаме со респект.
„Дојдовме до тоа што го посакувавме, а тоа е последен бараж пред СП. Чешка е сериозна репрезентација која имаше многу добро ЕП, недостигаше спортска среќа да направат чудо, да ги елиминираат финалистите, Шведска и Шпанија. Тоа е репрезентација за респект, репрезентација која лично мене ме изненади како го одигра тоа ЕП, и покрај тоа го сменија селекторот. Значи мислат дека можат уште подобро. Тоа ни покажува дека се работи за амбициозна селекција која што во последните години правеше добри резултати. Се сеќаваме на 2018 на ЕП, и во 2020 имаше забележителен настап. Така да не чека тежок предизвик, мислам дека треба добро да ги искористиме овие 3-4 дена, добро да се подготвиме“ вели Лазаров.
Македонија релативно лесно помина со Романија во првиот бараж двомеч, иако загуби на гостински терен. Лазаров вели дека Чешка е повоиграна репрезентација.
„Нема потреба да ја споредам Чешка со Романија, можам да кажам дека 15-20% е повоиграна репрезентација, иако не треба да се занемари квалитетот на Романија. Нема да не уплаши тоа, напротив, ќе се подготвиме добро, имаме јасна идеја. Можеби и ја препуштаме фаворитска улога на Чешка, но ние сакаме пласман на СП и сме спремни да го дадеме нашиот максимум да се пласираме на тоа СП. Мислам дека многу ќе ни значи уште еден настап на големо натппреварување, оваа нова Македонија да има настап. Ние ќе сториме се, ќе се подготвиме. Спремни сме, доста ја анализиравме иако малку ќе ни биде чудно затоа што немаме никаков материјал со новиот селектор. Материјалот од Србија – Чешка пријателските натпревари не успеавме да го добиеме, но ќе најдеме начин како да се подготвиме. Сепак како што во повеќе наврати сум кажувал, така и сега ќе кажам, ние треба да се посветиме на нас самите. Она што е добро да го задржиме, она што ни фалеше во изминатиот период да го подобриме. Мислам дека сме во нагорна линија, мислам дека сме на добар пат да ги искористиме овие 3-4 дена“, продолжи Лазаров.
Тој повика 23 ракометари на подготовките, а покрај Манасков и Велковски, овојпат останавме и без левото крило Кузманоски.
„Се надевам дека ќе останеме тие што сме здрави. Тоа е најважно, веќе ни недостигаат тројца играчи, ако има воошто прва седморка. Тоа се Мартин Велковски, Дејан Манасков и Цветан Кузманоски. Имаме проблем со Павле Атанасијевиќ, ќе видиме како ќе се одвива работата со него, го повикав, да го рехаблитираме, дава позитивни знаци. Целта е да ги одбереме најспремните и најдобрите 16 за во среда“, заврши Лазаров.
Првиот натпревар меѓу Чешка и Македонија се игра во Злин на 13 април, додека реваншот е во Скопје на 17 април од 19:00 часот.