Радевска донесе победа на Спартак против Астибо

Ракометарките на Спартак со голот на Антониа Радевска славеа победа против Астибо, 25:24, во натпревар од 8. коло од плеј-аут групата во Женската лига.

Гостинките од Штип во првото полувреме ја диктираа играта на терен, во неколку наврати водеа со три до четири гола разлика, но во вториот дел дозволија домаќинот да се врати во игра и да ги освои бодовите од денешниот натпревар.

Астибо на полувреме имаше водство од три гола разлика, 12:9. Овие три гола разлика не беа доволни за победа бидејќи ракометарките на Велимир Мицевски влегоа мотивирани во второто полувреме, во кое успеаја да дојдат до поволен резултат.

Во последниот период од натпреварот се играше во егал. Двете екипи имаа шанса за освојување на бодовите. Ракометарката од редовите на Спартак, Антониа Радевска на речиси една минута пред крајот со својот гол успеа да донесе водство за својата екипа од 25:24 откако претходно резултатот беше 24:24. Екипата на Астибо имаше две шанси за да дојде до реми, но не успеа во својата цел.

Најефикасни во редовите на Спартак беа Ангела Гроздановска со осум, Антониа Радевска со седум и Зорица Андоновска со шест погодоци. Кај Астибо листата на стрелци беше предводена од Марија Анчева и Драгана Стојанова, кои постигнаа по осум гола.