Магдебург во трилер меч го елиминира Спортинг, сладок пораз за Горење кај Ним

Ракометарите на Горење ја потврдија сензацијата во Лигата на Европа и обезбедија четвртфинале елиминирајќи го француски Ним иако во реваншот загубија со 35:30. Залихата од седум гола од првиот меч се покажа како сосема доволна за следна фаза за словенечкиот тим.

Ним имаше постојано водство, во првиот дел највисокото беше од четири гола а на полувреме домаќините водеа 18:15. Горење успеа да ги одбие сите обиди во продолжението и со пораз од пет гола да се пласира во четвртфиналето. Најефикасен во тимот на Ним беше Мохамед Хишам со 12 гола, а во тимот на Горење се истакнаа Тајник, Вердинек и Хасељиќ со по шест гола.

Откако во првиот натпревар во Португалија, Спортинг и Магдебург одиграа нерешено 29:29, во ист ритам продолжија и на реваншот. После голема и израмнета борба пласман во четвртфиналето обезбеди Магдебург откако триумфираше со 36:35.

Магдебург почесто имаше предност во текот на првиот дел, а на полувреме водеше 21:19. Сепак во продолжението Спортинг не се предаде, во последните десет минути влезе со минимално водство, но во трилер финишот Магдебург сепак успеа да триумфира и да го елиминира португалскиот тим. Најефикасен кај Магдебург беше Омар Инги Магнусон со десет гола, а кај Спортинг девет гола постигна Мота да Коста.

ЛИГА НА ЕВРОПА, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШ НАТПРЕВАРИ:

БЕНФИКА – ТУЛУЗ 36:30 (17:15)
ПЕЛИСТЕР – НЕКСЕ 21:22 (11:11)
ФУКСЕ БЕРЛИН – НАНТ 30:33 (15:14)
ГОГ – БИДАСОА ИРУН 33:31 (20:12)
САВЕХОФ – КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН 34:28 (19:15)
ВИСЛА ПЛОЦК – ЛЕМГО 28:28 (12:13)
МАГДЕБУРГ – СПОРТИНГ 36:35 (21:19)
НИМ – ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ 35:30 (18:15)