Екипите на Бутел, Охрид, Пролет и Алкалоид обезбедија место на завршниот турнир во кадетската лига од машка конкуренција и ќе имаат шанса да се борат за титулата. Во минатата сезона, прво место кај кадетите освои екипата на Металург. Интересно е тоа што годинешните учесници на Ф4 турнирот во минатата сезона не беа меѓу најдобрите четири екипи, односно не играа на Ф4.
Бутелци во четвртфиналниот натпревар против Тиквеш беа убедливи, со резултат 33:26 (13:12). Тимот на Дарко Јанев во првото полуфинале на Ф4 турнирот ќе се соочи со екипата на Охрид, која на гостувањето во Битола славеше против Еурофарм Пелистер со осум гола разлика, 39:31(21:17).
Голема неизвесност имаше во СЦ „Борис Трајковски“ меѓу екипите на Алкалоид и Голден Арт, кои одиграа возбудлив натпревар до самиот крај. Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник, 33:33 (17:15), додека домаќините по изведувањето на пенали дојдоа до триумф од 38:36.
Место меѓу најдобрите четири екипи обезбеди и Пролет, кој беше подобар од Младост со 30:27 (12:12). Домаќинот на завршниот турнир, како и датумите и саатниците за натпреварите, треба да бидат познати во следниот период.
ПОЛУФИНАЛНИ ДВОЈКИ НА Ф4
АЛКАЛОИД – ПРОЛЕТ
БУТЕЛ СКОПЈЕ – ОХРИД