Вардарки лесно ја освоија Струга

Екипата на Вардар во рамки од 2. коло од плеј-оф фазата во Женската лига триумфираше против незгодниот состав на Стружанка со 25:17.

Ракометарките на Вардар одиграа солидно прво полувреме, иако на почетокот се соочија со добар отпор од страна на домашната екипа. По водството на Вардар од 4:3, следуваше голем пад во играта кај Стружанка, а тоа резултираше со највисоко водство за избраничките на Драгана Ристова, кои направија серија од 5:0 за највисока предност од 9:3.

По низата погодоци на Вардар, тренерот на Стружанка, Владимир Паноски мораше да повика тајм-аут во 10. минута. Советите од домашната клупа вродија со плод бидејќи Стружанка полека фаќаше ритам и на пет минути пред крајот на првото полувреме намали на само три негатива, 7:10.

Костовиќ, Миновска и Коцева со своите погодоци во завршниот дел од првите 30. минути му овозможија на својот тим да замине со убедлива предност на полувреме, 14:7.

Серијата на Вардар продолжи и во воведниот дел од второто полувреме. За само две минути игра беа постигнати два гола на вардарки за 16:7. Црвен картон во 32. минута заработи ракометарката на Вардар, Марија Николовска, поради трите исклучувања. Стружанка првиот погодок во второто полувреме го постигна во 36. минута преку Переска.

Домашната екипа во еден период ја подобри својата игра, намали на 11:18, но немаше доволно сили да се избори за помал пораз. Ракометарките на Вардар во последните петнаесетина минути одработија колку што беше потребно за убедлив триумф на денешното гостување во Струга.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Ангела Костовиќ и Бојана Диневска со по пет погодоци. Во екипата на Стружанка прв стрелец беше Магдалена Делиоска, која исто така постигна пет гола.