Спартак со победа против Астибо, тргна со три бода во плеј-аут фазата

Екипата на Спртак со победа ги стартуваше натпреварите од плеј-аут фазата од Супер женската лига и на гостувањето во Штип против составот на Астибо забележа победа од 20:16.

Гостинскиот тим од Кисела вода во првото полувреме константно беше во предност и никако не му дозволуваше на својот противник да дојде во ситуација за камбек. Составот на Спартак со погодоците на Гроздановска, Андоновска и Божиновска, по десет минути игра имаше водство од 3:1. Избраничките на Велимир Мицевски во преостанатиот дел од првото полувреме беа подобриот тим на теренот.

Иако, домашната екипа имаше повеќе ракометарки за ротација, сепак, Спартак на крилата на Гроздановска секогаш успеваше да се одлепи на позитива од три до четири гола разлика. Првото полувреме им припадна на ракометарките на Спартак, кои на пауза заминаа со водство од плус четири, 10:6.

Во второто полувреме Спартак почна драстично да го зголемува водството. Домашната екипа во желбата да дојде до помала негатива сѐ почесто правеше грешки во своите напади. На моменти водството на Спартак беше осум гола разлика, 16:8. Убедливата предност им овозможи на ракометарките на Спартак да имаат мирна завршница, иако во последните десет минути дојде до преголемо опуштање во нивните редови.

Црвен картон во 50. минута заработи ракометарката на Спартак, Ива Кимовска, поради трите исклучувања. Споменатата ракометарка натпреварот го заврши со три постигнати погодоци. Листата на стрелци кај Спартак беше предводена од Ангела Гроздановска со седум гола. Кај Астибо најефикасна беше Драгана Стојанова, која исто така постигна седум погодоци.