Ѓорче Петров пресилен за Чаир, со убедлива победа тргна во плеј-офот

Ракометарките на Ѓорче Петров беа убедливи против Чаир и славеа со 11 гола разлика, 40:29, во првиот натпревар од плеј-оф фазата во Женската лига.

Избраничките на Басри Љатифи добро го започнаа натпреварот и во воведниот дел имаа водство од 2:1. Домашната екипа дојде во ситуација да биде во неповолна позиција бидејќи никако не можеше да направи исчекор и да обезбеди водство. Чаир преку Божиновска и Дукоска покажа одлична игра во нападот и до 20. минута беше во предност од еден до два гола разлика.

Ракометарките на Симе Симовски се разбудија во завршниот дел од првото полувреме. Откако резултатот беше 10:10, следуваше серија од 3:0 на Ѓорче Петров за 13:10. Водството од три гола разлика на Ѓорче Петров негативно се одрази на играта на гостинките од Чаир, кои започнаа да го губат натпреварот. Екипата на Ѓорче Петров на полувреме замина со предност од два гола разлика, 15:13.

Овие два гола разлика, психолошки ја кренаа самодовербата на домаќинките во второто полувреме. Ѓорче Петров за само десет минути игра во второто полувреме зголеми на плус осум, 25:17. Тука веќе беше решен победник на овој натпревар. Чаир беше во сериозна негатива и не можеше ништо да направи повеќе бидејќи пред себе го имаше кандидатот, кој е меѓу фаворитите за освојување на шампионската титула.

Најефикасна во победничката екипа беше Анастасија Белевска со осум погодоци. Четири ракометарки во редовите на Ѓорче Петров, Симона Стојановска, Ана Марија Коларовска, Ања Велкова и Ангела Јанкуловска, постигнаа по шест погодоци. Во Чаир прв стрелец беше Ана Марија Божиновска со осум погодоци, додека седум постигна Леонора Рахмани.