Репрезентациите на Шведска и Норвешка вечерва ќе се борат за влез во полуфиналето на Европското првенство. И двете репрезентации имаат по шест освоени бодови во рамките од втората група. По денешната победа на Шпанија против Полска, јасно беше дека на двете скандинавски репрезентации ќе им биде потребна победа за влез меѓу четирите најдобри на ЕП, но на Норвешка и одговара и реми.
Од таборот на Швеѓаните ја информираа јавноста дека во случај на најлошото сценарио, пораз од Норвешка или реми со нивниот сосед, тие ќе инсистираат до ЕХФ да не го одиграат натпреварот за петто место.
Овој натпревар игра голема улога бидејќи одлучува која репрезентација ќе обезбеди директен влез на Светското првенство, а која ќе оди во бараж натпреварите. Шведска е директно пласирана на Светското првенство бидејќи заедно со Полска ќе биде коорганизатор на Мундијалот во 2023 година.
За да се избегнат можните инфекции на коронавирус, од таборот на Швеѓаните сметаат дека нема потреба да играат за петто место.
„Ако не се пласираме во полуфиналето, ќе бараме од ЕХФ да не играме во натпреварот за петто место на ЕП. Мислиме дека не е разумно да патуваме во друга земја каде што треба да бидеме во нов балон за натпревар кој нема резултатско значење за нас. Секако, уверени сме дека вечер ќе ја победиме Норвешка и ќе се пласираме меѓу првите четири репрезентации на Европското првенство“, изјави менаџерот на шведската репрезентација, Даниел Вандорт за „svt.se“ .
Натпреварот меѓу Шведска и Норвешка започнува со почеток од 20:30 часот.