Репрезентацијата на Шпанија во својот последен натпревар од главната фаза на ЕП дојде до победа од 28:27 против Полска и со тоа обезбеди влез во полуфиналето на континенталниот собир.
Полска без тројцата ракометари, Шимон Сичко, Мелвин Бекман и Матеуш Корнецки, кои беа позитивни на направените ПЦР тестирања пред дуелот со Шпанците, даде силен отпор против „црвената фурија“.
Ракометарите на Шпанија имаа фуриозен старт, започнаа да се одлепуваат и да создаваат солидно водство. Откако, избраниците на Жорди Рибера имаа предност од 6:2, следуваше голем пад во нивните редови. Полјаците во продолжението ги намалија техничките грешки, го зголемија процентот на реализација, а сето тоа даде позитивен резултат кон крајот на првата половина од првиот дел.
По петнаесетина минути игра, Полска израмни на 8:8 и до последната секунда од првото полувреме играше во егал. Ракометарите на Шпанија на полувреме заминаа со минимална предност од еден гол позитива, 14:13.
Полјаците во второто полувреме го израмнија резултатот на 14:14 и најавија интересно продолжение. Шпанија го искористи исклучувањето од две минути на Крајевски и успеа да дојде до два разлика, 16:14. Во минутите кои следуваа главно се играше гол за гол, но репрезентацијата на Шпанија подобро се снајде во бркотницата низ теренот и во 40. минута имаше плус три позитива, 21:18.
По водството на Шпанија од 22:20, следуваше погодок на Дашек за минус еден, 21:22. Неизвесноста траеше до самиот крај бидејќи во 58. минута резултатот гласеше 28:27 за Шпанија. Репрезентацијата на Полска во последните триесетина секунди имаше шанса да се избори за реми, но голманот, Родриго Коралес одбрани кога беше најпотребно.
ЕП 2022, ГРУПА 2 – ТАБЕЛА