Селекцијата на Црна Гора загуби убедливо од Франција со 36-27, но мечот го одбележаа и два црвени картони за шест минути.
Најпрво беше исклучен Васко Шеваљевиќ по фаулот над Никола Карабатиќ, а потоа и францускиот голман Венсан Жерар заработи црвен картон.
Тој имаше обид да пресече акција на Црногорците, го удри Милош Вујовиќ, но тоа не беше за црвен картон. Црногорецот призна дека ја „одглумил“ реакцијата и дека претерал со тоа.
„Не ме удри во лицето. Ме удри по рака, но секој контакт во таа ситуација е црвен картон. Не знам точно како изгледаше и како јас реагирав, но сакав тој да биде исклучен за да имаме поголеми шанси против Франција. Но вториот голман беше добар и на крајот загубивме“, изјави Вујовиќ за ТВ2 Спорт.
И покрај поразот од Франција, Црна Гора има дуел против Исланд, на кој со победа и со поклопување на другите резултати, може да стигне до меч за петто место и директен пласман на Мундијалот во 2023, ако Данска и Шведска бидат пласирани пред нив.