Дебрецин, ден 6
Ден за разделби и носталгии. Толку беше. Тоа е се народе! Тамам се загреавме, веќе се збогуваме. Македонската репрезентација се збогува со ЕП 2022 и синоќа после Данска веќе го фатија чартерот за Скопје.
Нашиве гарант се единствени од елиминираните на ова ЕП што се возат со чартер наваму-натаму…, си мислам синоќа додека се собиравме од прес центарот во „Феникс“, таму некаде малку пред полноќ.
И, верувам дека барем половина од оние што се качија синоќа во него, да можат веднаш би го смениле авионот од Дебрецин за оној автобусот на „Млаз“ што не враќаше од Ниш пред десет години. Кога фуреше од сите страни, ама беше топло во срцето и главите беа кренати кога цела Македонија со радост ги чекаше ракометарите да се вратат.
Му се израдува ли синоќа некој на чартерот? Не верувам…
Да беше жив Ѓоле, можеше „Васа Ладачки“ да ни ја пее!
„Све је имо, ништа имо није…“ (на пуста мака „растурам“ со српскиов деновиве, ко да ме „префати“ од селекторот?!)
Сега имаме се само победа не…Што ти е судбина, си велам додека во ушите се уште ми одѕвонува радоста на Црногорците по историскиот пласман во втората фаза на ЕП. Ми се враќа сликата на селекторот Рогановиќ како радосен го прегрнува и го бакнува во глава Калуѓеровиќ во прес салата. Оној „нашиот“ Василије што на шега заради гелот го викавме „тафт петка“ лани во Металург. Блиски ни се и едниот и другиот, Зоран Рогановиќ на времето беше вардарец, Калуѓеровиќ пак лани играше за Металург…Се поздравуваме и искрено им посакуваме да се радуваат и во Будимпешта.
„Ау, да и јавам на сопругата дека продолжуваме во Будимпешта, да не ме чека…“ – возбудено го бара телефонот еден од црногорските колеги.
„Ма, остави ја сега сопругата, врти бре прво на работа да ни пуштат пари за ПСР-ри во Будимпешта“ – се шегува неговиот колега.
Исти ние пред десет години (само што тогаш немаше тестови и корони…), кога од Ниш наместо за Скопје, тргавме за Белград…
Не знам дали од јубилејната 10-ка или од „дежа ву“ ситуација, ама деновиве ме уби носталгија, да ви кажам право!
Црна Гора е најубавата приказна на ова ЕП 2022. По многу работи, ме потсетува на онаа нашата од ЕП 2012… Дојдоа како аутсајдери во групата, дополнително „утепани“ од короната, сите на нив „рачунаа“ бодови, само нив ги сместија далеку од другите, таму во Балмазујварош, (веќе го научив на памет унгарското село на 30-на километри од Дебрецин)…До последно не знаеја дали ќе може да скрпат тим, играа без селекторот на првите натпревари… Но, проблемите како дополнително да ги обединија, па сите во сè се помагаа – играчи, тренери, помошници… Исто како нашите пред десет години!
Па дури и претседателот на нивната федерација пред некој ден, во тренерки седи со новинарите во прес, носи кафе, комотен како да е еден од нас. Се шегуваме за Балмазујварош и за маките со короната…Отпосле го препознав!
Им, велам на колегиве, како Маки наш кога ни носеше крстена вода во Ниш да не држи среќата и во Белград…
Како ние во нишката, Црногорците се главните херои во оваа дебрецинската приказна. Ја изненадија Македонија во второто коло (или Македонија сама се изненади, тоа уште долго ќе „тепаме“ глава…). Како и да е, за нив таа победа во ваква ситуација беше силен ветар во грб. Па, Црногорците охрабрени, направија подвиг и синоќа ја победија и фаворизираната Словенија и ја пратија дома.
Не знам дали имаат чартер Словенците, ама синоќа да можеа, Врањеш сигурно пешки ќе го пратеа! Толку беа нервозни, да не си им во кожата.
Ние, онака со искуство и со „прележана“ иста мака од пред два дена, сочувствително се поздравуваме и ги потчукнуваме по рамо словенечките пријатели, додека ги пишуваат оние најмачните текстови.
„Знам како е…“ – им велам.- „Ќе се видиме ние пак, во некои подобри денови…“
„Ма овој Врањеш не уништи…“ – разочаран е Петер.
Како да знаевме дека утрово „ќе го испратат“ со отказ. Јас додуша, го чекав уште синоќа на пресот…
Се поздравуваме и со другите колеги во прес-центарот на затворање. Со Данците нешто многу, многу не сме на иста линија, ама „балканската клапа“ секогаш е посебна. Некои утрово се враќаат во Македонија, некои во Словенија…некои продолжуваат во Будимпешта.
Небојша од ЕХФ како домаќин срдечно не испраќа. И тој е „од нашите“.
Додека ги пишувам овие последни редови од ДНЕВНИКОТ од Дебрецин, се сетив дека вчера добив една интересна порака. Ми пишаа дека сум „очигледно, помалку разочарана што кратко траат престоите на Кире и на дружината на ЕП и на СП…“
Не да сум разочарана, ми се плаче, право да ви кажам! Оти, сè можеше и требаше да биде многу поинаку! А, не да биде „Васа Ладачки“…
Џабе ни се сега и чартери и „коњи врани“!