ИНТЕРВЈУ ДАВИД ДЕЈВИС: Вардар не е повеќе Ферари, сега е Бугати!

Не е потребна посебна најава за новиот стратег на македонскиот првак Вардар, Давид Дејвис! Шпанецот како дебитант во тренерските води се појави во Скопје во 2014 година благодарение на Раул Гонзалез и беше негов асистент четири години. Заедно со „црвено-црниот“ тим со златни букви се запишани во македонската ракометна клупска историја – ни ја донесоа првата титула во Лигата на шампионите и двапати во низа го предводеа Вардар на Ф4 во Келн. По пауза од три ипол години Дејвис одново се враќа во нашата престолнина. Сега седнува на вардаровата клупа како главен диригент. Првично на шест месеци, а за понатаму ќе видиме – времето ќе покаже!

Искуството собрано во 18-годишната професионална играчка кариера (позиција лево крило), со бројни титули на клупски план, меѓу кои и три трофеи во Лигата на шампионите, златни, сребрени, бронзени медали на Олимпијада или, пак на големите натпреварувања, Давид во последниве девет години го претвори и во квалитетно тренерско CV. Асистент тренер во РК Вардар четири години (двапати беше на Ф4 во Келн и ја освои првата титула во ЛШ и како тренер), тренер на ЖРК Вардар – го однесе на Ф4 во Будимпешта во ЛШ каде стигнаа до финале. Беше помошник тренер и во машкиот национален тим на Русија, а по заминувањето од Скопје, во 2018-тата стана селектор на машката репрезентација на Египет. По само шест месеци му се случи трансферот во Веспрем, со кој одново стигна на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите во 2019, каде во финалето се „судри“ со Вардар и остана без круната.

Од пред пет дена одново е во Скопје, заедно со семејството, и во целиот хаос меѓу тренинзи со екипата, преселба во новиот стан и средување на административните обврски со кои би се вратил во нормала, во „својот втор дом“ како што го нарекува Скопје, најде време за кафе-муабет со 24Ракомет. Интервјуто го направивме на македонски јазик, на инсистирање на Давид, кој се труди да го возобнови својот македонски речник.

Ако пред девет години кога првпат дојде во Вардар, направи интересна компарација (која стана легендарна) клубот го спореди со автомобилот „Ферари“, сега како тренер кој добро знае што значи македонскиот првак, споредбата доби друга димензија.

„Зборував со играчите и им кажав дека ’Бугати’ е подобро! Има повеќе коњски сили од ’Ферари’. (се смее) Ние сме Вардар, клуб со историја и со наследство од две титули во Лигата на шампионите. Во Шпанија имаме изрека ’Водата која поминала не го движи тркалото повеќе’, но важно е да се почитува она што некој го оставил претходно и да држиш ниво. Треба да сме горди на дресот и амблемот кои ги носиме, без разлика колку и да е лесно или тешко да го задржиш тоа чувство“, објаснува Дејвис.

СКОПЈЕ Е КАКО ВРАЌАЊЕ ДОМА

Шпанецот потенцира дека понудата од Вардар било лесно да се прифати, затоа што за него и неговото семејство тоа е враќање во клуб, град и држава од кои има само убави спомени.

„Од јуни бев без ангажман, сакав да верувам дека ќе дојде некоја понудa и секако внимателно следев што се случува и во Вардар, но и во другите клубови. Повикот од Михајло Михајловски од една страна ме изненади, не знаев дали ќе се случи промена на тренерот, од друга не. Кога дојде понудата од Вардар беше многу лесно да прифатам. За мене и моето семејството беше многу лесно да се вратиме тука. Сè ни е познато, клубот, градот, државата. Вардар е како враќање дома. Се чувствувам одлично, сè ми е познато, сè ми е блиско и веднаш се адаптиравме“, коментира Дејвис и додава: „Паметам првиот пат кога дојдов со авион во Македонија и кога го видов првиот знак на аеродромот на кирилица, си помислив ’Каде дојдов!’ Знам дека му се јавив на Кирил Лазаров и барав да ми најде професор по македонски јазик уште во Шпанија. Сега доаѓавме со автомобил со семејството и на автопат гледам знак на кирилица и си велам ’Ах, нема проблем, близу сме’ (се смее). Вардар и Скопје за мене и за семејството носат само среќни моменти. Не велам дека секогаш беше лесно, имаше и турбулентни периоди, но убавите спомени се оние кои доминираат и затоа велам лесно беше да прифатам да дојдам во Вардар.“

„Кога влегов во салата се почувствував убаво и веднаш ми се вратија спомените од навивачите, полните трибини, амбиентот и атмосферата за игра… Уф, каква емоција беше тоа! Подоцна и во Веспрем имаше таква убава атмосфера во салата, но Вардар го паметам како нешто посебно, затоа што беше прво тренерско искуство и се надевам дека и сега ќе биде така. Со нетрпение чекам!“

Кога се официјализираше доаѓањето на Давид Дејвис во Вардар во декември, стратегот потенцира дека честитки стигнале од сите страни и од голем број екс-вардарци.

„Столе и Тимур со кој и приватно останавме во контакт по заминувањето од Вардар беа меѓу првите кои ми честитаа. Со Раул зборував на телефон и тој исто така се радуваше за мене. Честитки стигнаа и од други, поранешни вардарци – Абутовиќ, Марсениќ, Тоскиќ, Терзиќ, Штербик… Пријатели и соработници од Скопје, и тие се радуваа на моето враќање.“

ПО КРАТКИОТ ПАТ ДО СИСТЕМОТ КОЈ ДОНЕСЕ НАЈГОЛЕМ КЛУПСКИ УСПЕХ

Шпанскиот стратег седнува на вардаровата клупа во тежок период за тимот, особено кога станува за позицијата која ја има во Лигата на шампионите. Давид вели дека е свесен дека ова е истиот клуб, но со друг сопственик и поинаква екипа од онаа со која работеше пред три ипол години. Расположен е за предизвик и во Скопје доаѓа со визија за нов клупски успех.

„Јасно ми е дека овој Вардар и оној од пред четири години не се исти. Секако, клубот е ист, но сопствениците се различни и постои голема играчка промена. Многу кратко време сум со екипата, само пет дена, за да можам да почувствувам дали и оваа екипа ја има истата ’душа’ како претходно. Првичниот фит-бек е одличен, иако во моментов на располагање ја имам само пола екипа. Сите се фокусирани, отворени за соработка, слушаат што имам да кажам и се трудат да го исполнат она што го барам од нив на тренинзите. Ќе се потрудам да го вратам системот на игра кој му го донесе најголемиот успех на клубот. Секако дека ќе биде потребно време, но ќе се обидеме тоа да го направиме по краткиот пат. Полека ќе се приклучуваат и другите. Некои го знаат системот, некои не, но ќе се обидам во кратки и едноставни чекори да ги вметнам сите во работата. Засега изгледа добро и мислам дека секој ден ќе биде се подобро“, објаснува вардаровиот стратег и додава: „Мојата работа секогаш ја гледам како маратон, а не како трка на 100 метри. Сега стигнав во Скопје и работам со визија да направам еден успех, па втор, па трет и ќе видиме како ќе одат работите.“

Велиш маратон, а договорот со Вардар е само на шест месеци. Со каква визија доаѓаш?

„Како да сум тука од јули! За мене нема разлика – ако стигнам во јули имам цела година за работа, ако дојдам во јануари имам шест месеци. Целите на клубот се исти за мене и ќе го дадам најдоброто од себе за да ги исполнам, ако можам и да ги надминам тие очекувања. Не сакам да зборувам за работите кои биле пред мене, не знам што и како се случувало, а и секој тренер си има свој стил и своја визија, затоа нема да коментирам за она што било претходно. Јас знам што можам да направам сега со тимот. Ако не верував дека можам нешто да направам тогаш немаше да дојдам. Мислам дека можам да направам подобри резултати. Свесен сум дека јас стигнав во Вардар затоа што резултатите беа лоши, а не можам да коментирам дали екипата играла добро или не. Мислам дека можам да направам малку подобри резултати.“

Ќе имаш тешка задача, малку време.

„Знам и свесен сум за тоа! Никогаш не е лесно и јас го прифаќам предизвикот. Знаете како некогаш ти велат имаш доволно време за подготовки и за тренинзи и дека ќе биде лесно, или ако имаш екипа со ѕвезди дека ќе ти биде многу лесно. Не е точно, тешко е во секоја ситуација и кога имаш време и кога немаш време, и кога имаш тим на ѕвезди или го немаш – зависи од многу други работи. Екипата е како личност и има свој живот кој постојано се менува. Да се работеше само за ракомет ќе беше многу лесно, но се работи за екипа од 20 играчи. Секој е свој, со различен карактер и треба да знаеш како да ја направиш таа целина. Јас ќе дадам сè од себе за да создадам таква целина. Знаете постојат два вида на играчи или тренери – автомати и оние кои учат од искуството. Сакам да мислам дека јас сум од оние кои учат од искуството и тоа се обидувам сега да им го пренесам на играчите – како да учат од нивните грешки и да не ги повторуваат. Ќе се обидам да направам екипата да функционира во мојот систем. Да ги мотивирам играчите да веруваат во себе, во клубот и во тимот и ќе се обидам да им ги дадам сите потребни ’алатки’ за да покажат добар ракомет.“

СТОЛЕ И ТИМУР ДЕСНА РАКА

Капитенот Стојанче Стоилов и Тимур Дибиров се единствените староседелци во овој нов тим на Вардар, односно играчи кои одлично го познаваат начинот на работа на Давид Дејвис и неговиот систем.

„Столе и Тимур се играчи со кои одлично соработувавме и претходно, добро се знаеме и тие се лидери на тимот и се надевам дека ќе бидат моја десна рака на теренот. Со шпански тренер и шпански систем тие ја освоија Лигата на шампионите двапати и верувам дека иако ќе имаме многу работа, ќе ми помогнат за екипата побрзо и подобро да се адаптира на мојата визија за каква треба да биде играта и тактиката на Вардар.“

ИЗГРАДИВ СВОЈ ТРЕНЕРСКИ СТИЛ

Македонската ракометна публика за првпат ќе има можност да ја види работата на Давид Дејвис како прв стратег во машкиот клуб. Давид не бега од вистината и фактот дека Раул Гонзалез е негов ментор и дека тој е еден од главните виновници што дојде во Скопје во 2014-та, но исто така потенцира дека излегол од неговата сенка и изградил свој стил.

„Секогаш велам дека мои ментори се Талант (Душебаев), Раул (Гонзалез) и (Хуан Карлос) Пастор – од тоа не бегам! Како и сите други така и јас го најдов мојот пат и се чувствувам добро што изградив мој стил и начин на работа. Нормално дека и понатаму сум во комуникација со секој од нив. Сакам да им се јавам и да слушнам нивно мислење, да се консултирам, но тоа е дел од работата. По заминувањето од Вардар секаде работев сам, односно никаде немав шанса да си изберам мој тим. Истото е и сега во Вардар, Владо Недановски и Стојан Петрушевски ги наследив како помошници. Но, доброто е што одлично се познаваме, особено со Владо кој беше играч кога работевме со Раул во Вардар, го разбира системот кој го преферирам и имаме добра комуникација. Единствено Венио ќе биде некој кој јас го одбрав и со кој имам желба да работам и од претходно.“

САКАВ ДА ОСТАНАМ ВО 2018-ТА, НО САМСОНЕНКО ГО ОДБРА ПАРОНДО

Кога се навраќаме во минатото, многумина го гледаа Давид како наследник на Раул Гонзалез на клупата на Вардар, по неговото заминување во Париз. Што се случи, зошто не остана во Скопје?

„Ова прашање е за Самсоненко, тој како сопственик на Вардар донесе таква одлука. Јас отворено кажав дека сакам да останам и имам желба, но Сергеј го имаше последниот збор и изборот беше Парондо. Секако, не ми беше се едно, сакав да останам во Вардар. Во животот не можеш да бидеш себичен и егоист. Не сум само јас, постојат и многу други тренери и тој го избра она што сметаше дека е најдобро за клубот“, коментира Шпанецот.

„Многу ми беше тешко кога заминав од Вардар, но деветте месеци кои следеа донесоа многу пресврти. Во мај кога заминував од Скопје станав селектор на Египет. Ако тогаш некој ми кажуваше дека следната година во исто време ќе бидам тренер на Веспрем и ќе се случи се тоа што ми се случи, ќе му се смеев и ќе му кажев да не зборува глупости. Навистина не знам како стигнав до Веспрем, а потоа и на Ф4 во Келн каде игравме финале против Вардар. Многу измешани чувства имав по тоа финале и приватно и професионално.“

СРЕДЕН БЕК НАЈПОТРЕБЕН ВО МОМЕНТОВ

На полусезона македонскиот првак единствено го напушти левиот бек Анте Кудуз. Според Дејвис засега не се најавени други заминувања, а кога станува збор за нови играчи, најпотребен е можеби среден бек.

„Како леви бекови ги имаме Оливие (Њокас), Талески, Бакари и Мишевски и мислам дека ни се доволни на таа позиција. Повеќе ни е потребен играч на среден бек и доколку носиме засилувања на полусезоната мислам дека таа е позицијата кон која би се насочиле. Зборувавме со Михајло на таа тема. Треба да се размисли, да се види и што има на пазарот, па потоа ќе донесеме одлука.“

ВО МАЈ ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ДАВИД ЌЕ „ТРЧА“ МАРАТОН СО ВАРДАР

За својата работа сака да размислува како за маратон, но Давид Дејвис во моментов има само шестмесечен договор со Вардар. Од што ќе зависи дали ќе ја продолжиш соработката со клубот?

„Резултатите се во прв план. Дали претседателот ќе биде задоволен од мојата работа, но и од тоа како ќе се вклопам во екипата. Релациите и односите кои ќе ги поставам и со играчите и со претседателот. На крајот на сезоната ќе видиме, Михајло ќе каже дали е задоволен или не, јас исто така дали сакам да останам или не сакам. Јас ќе бидам задоволен ако ги реализираме целите на клубот – осминафинале во Лигата на шампионите, шампионска и Куп титула на домашна сцена и пласман на Ф4 во СЕХА. Во Лигата на шампионите нè чека најтешка работа, каде имаме четири натпревари за да се поправи впечатокот од седумте порази во низа. Тоа е најтешко, но затоа е и најубаво.“