Ракометарите на Хрватска денеска ја започнуваат големата битка за добар пласман на Европското првенство. Избраниците на Хрвоје Хорват за прв ривал ја имаат селекцијата на Франција.
Хрватска во Унгарија пристигна без Лука Циндриќ бидејќи ракометарот на Барселона сѐ уште е позитивен на коронавирус, како и без носителот на играта, Домагој Дувњак, кој поради болки во грбот мораше да остане во Осијек.
Дополнителен проблем за Хрватите беше позитивниот тест на левиот бек, Марко Мамиќ. На ПЦР тестирањето во Сегед, Мамиќ беше единствениот со позитивен резултат. Поради тоа, на денешниот натпревар поголема минутажа на теренот ќе добие поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац.
Левиот бек на Нексе во изјава за 24 Ракомет најави добар резултат во стартниот натпревар против Французите.
„На секој натпревар ќе дадеме сѐ од себе. Французите во Унгарија доаѓаат како победници од Олимписките игри, ќе биде многу тежок натпревар. Се надевам дека во оваа ситуација можеме да направиме добар резултат, да ја поминеме групата и да се пласираме во следната фаза. Ги нема Циндриќ, Дувњак, Мамиќ, но ќе се обидеме да одиграме и за нив“, изјави Јагањац за 24 Ракомет.
Екс членот на Металург добро ја познава репрезентацијата на Македонија. Имаше позитивни комплименти за составот предводен од Кире Лазаров.
„Репрезентацијата на Македонија секогаш може да изненади. Се работи за една млада репрезентација. Младите ракометари сакаат да се докажуваат. На клупата како селектор, но и како играч ја имаат ракометната легенда, Кире Лазаров“, заврши Јагањац за 24 Ракомет.
Натпреварот меѓу Хрватска и Франција започнува со почеток од 20:30 часот. Хрватска во својата група за противници ги има и селекциите на Србија и Украина.