По направените тестирања кај Црногорците во Дебрецин, тројца ракометари беа позитивни на коронавирус. Поранешните леви бекови од Вардар, Васко Шеваљевиќ и Стеван Вујовиќ, како и голманот Миле Мијушковиќ, се позитивните играчи во црногорскиот табор.
На Васко Шеваљевиќ и Миле Мијушковиќ вечерва повторно ќе им биде извршено ПЦР тестирање бидејќи по позитивниот тест и изолацијата од неколку дена во Подгорица, двајцата имаа негативен тест пред заминувањето за Унгарија.
Доколку двајцата бидат негативни, тогаш ќе можат да настапат во првата фаза од Европското првенство. Останатите играчи и членови на стучниот штаб на Црна Гора биле негативни.
Црногорците денес го имаа првиот тренинг во Дебрецин. Се очекува на репрезентацијата да и се приклучи пикерот, Небојша Симовиќ. На направеното тестирање во Подгорица, Симовиќ имаше негативен резултат.
По лекарските прегледи тој се упати за Унгарија и доколку на следното тестирање биде негативен, тогаш тој ќе биде целосно подготвен за натпреварите од првата фаза.
Црна Гора отвора со дуел против Данска на 13 јануари, следува пресметката со Македонија на 15 јануари, а за крај двобој против Словенија на 17 јануари.