Засега Македонија има три победи без пораз во подготвителните натпревари, со победнички менталитет, свесно создаден против противници кои не можеа да ни ја покажат вистинската сила, со строго дозирано учество на играчите кои треба да ја водат оваа селекција (барем уште на ова ЕП) и најважно, досега без Ковид заразени ракометари. Нека биде така до вторник и Македонија може да се надева на добар турнир.
Интересни реакции предизвика мојот коментар во првата колумна ПРЕСИНГ за специјализираниот ракометен портал 24Ракомет, со коментари дека пласманот во втората рунда, а уште повеќе атакот на највисок пласман на големите смотри е преголем залак за нашиот национален тим. Но дали е така?
Најуспешната национална селекција е долго време на големата сцена, повеќе од 12 години (со исклучок на 2010 и 2011) е постојано на големо натпреварување, со играчи кои играат во најдобрите европски лиги, со генерација која долго време игра заедно (се мисли на ’96 та) и која ќе се надгради со вон временските Лазаров и Миркуловски, иконата на македонскиот ракомет Столе Стоилов, високо рангираниот (во европски рамки) Никола Митревски и искусниот Гоце Георгиевски. Се на се, селекција која можеме да ја окарактеризираме со една често употребувана фраза „спој на младост и искуство“, како идеален спој за достигнување на посакувани резултати. Единствен што недостасува е Дејан Манасков, кој се рехабилитира од повреда на коленото.
А сега, од почеток.
Селекторот Лазаров пред 20-тина дена го скрати првиот список од 35 ракометари, на 24 и ги најави подготовките за ЕП. Македонија ниту во минатото имала, ниту ќе има повеќе од 20 ракометари кои можат доследно да ја репрезентираат на големите смотри, но тоа што на прв поглед паѓа во очи се две работи: многу селектирани ракометари (пет) на позиција пивот, од кои освен Никола Маркоски кој дојде повреден и подоцна испадна од списокот на патници во Дебрецин, ниту еден друг нема капацитет и антропологија да одговори на предизвикот, да игра во два правци и втора работа, а поврзана со првата е дека Македонија со овој ростер ќе има големи предизвици да состави зона 6-0, имајќи предвид дека нема многу „јунаци“ за да ги покријат позициите 3 и 4, позиции кои претставуваат фундамент на најчесто употребуваната 6-0 зона во ракометот. Филип Талески, Михајло Младеновиќ, Марко Мишевски и евентуално Филип Кузмановски се играчите кои селекторот Лазаров ги планира на тие позиции и освен Талески кој оваа полусезона „троши“ доволно минути на таа позиција, останатите или немаат минутажа или играат на таа позиција но во екипи или натпревари од многу пониско ниво.
Алтернативна зона, и според мене, една од нај софистицираните во ракометот е зоната 5-1, која веројатно ќе ја практикува нашиот тим имајќи предвид горенаведеното. Агресивна, длабока, со доста контакти и антиципација, крила кои покриваат две позиции и „специјалец“ на централна позиција за „покривање“ на дупките, е зоната која ја прави Македонија конкурентна и која ќе и овозможи транзиција после успешно завршена работа и одбранет напад на противникот. Транзиција, која треба да биде адут на нашата млада репрезентација да постигне повеќе „лесни“ голови. Мотивација и борбеност не би требало да недостасува, имајќи предвид начинот на делување и мобилизирање на селекторот, но и (не)докажаноста на дел од овие играчи на големата сцена.
Нашиот напад, без „старата гарда“ ќе биде тешко функционален, без вистински командант на истиот, со играчи кои се ограничени во дуел играта „еден на еден“, сегмент кој заедно со играта „два на два“ со пивот е предуслов или основа на шпанскиот систем на функционирање, создавајќи „вишок“ играч или позиција за шут при изолација на едната или другата страна од нападот. Токму поради тоа, а имајќи предвид дека уште на стартот играме со директниот конкурент за пласман во вториот круг, очекувам повратникот во националниот тим, селекторот, заедно со двата пивоти и предводникот на генерацијата ’96 да ја решаваат противничката зона, со формација 7-6 како дополнителна опција, давајќи им на нашите пивоти улога од круцијален карактер.
Од друга страна, тоа ќе создаде многу главоболка на стручниот штаб во однос на формирање на одбранбената зона имајќи предвид транзицијата на противникот и многубројните измени на играчи во нашиот тим, кои не играат во два правци од различни причини. Наизглед равенка со доста непознати, од аспект како да се пополнат централните позиции во нашата зона со играчи кои ќе бидат употребливи за нашиот напад, а без притоа да се обремени еден од пивотите и повратникот во репрезентацијата со задачи во два правци. Македонија многу веројатно ќе мора да избере помеѓу брзата и подвижна зона и транзиција, со надеж за повеќе голови од истата (транзицијата) и со тоа да „плати“ повисока цена во нападот или да го стави во функција веќе видениот, статичен напад во „зихерашки“ манир каде главна улога има генерацијата на заминување, а на сметка на тоа да бара алтернатива во делот на одбраната. Лазаров мора да одбере помало зло, за поголемо и заедничко добро.
Две години, Ковид вирусот владее со нашите животи, а од стартот на подготовките за ЕП во Унгарија и Словачка, истиот тој се стави во улога на селектор кој го составува списокот на патници на првенството за голем дел од репрезентациите. Ако во мојата премиерна колумна пред неколку дена пишував дека оваа првенство ќе помине без неколкумина откажани, повредени, навредени, уморни и Ковид позитивни, не можев ни да претпоставам ваков расплет на работите, иако конечната Ковид-разврска ја очекуваме за некој ден. Скоро и да нема селекција која нема проблеми со Ковид вирусот, многу значајни играчи се во моментов во изолација и тоа може сериозно да влијае на изгледот на одредени селекции, и секако нивниот пласман. Пријателски натпревари во моментов не се опција, секоја селекција ќе се обиде херметички да се затвори. Кој ќе биде поуспешен во борбата против Ковид вирусот, ќе ја има пол позицијата.
Засега Македонија има три победи без пораз во подготвителните натпревари, со победнички менталитет, свесно создаден против противници кои не можеа да ни ја покажат вистинската сила, со строго дозирано учество на играчите кои треба да ја водат оваа селекција (барем уште на ова ЕП) и најважно, досега без Ковид заразени ракометари. Нека биде така до вторник и Македонија може да се надева на добар турнир.
За нашиот директен конкурент Словенија, за „војната“ во „Ц“ групата, за евентуалната доминација на скандинавците и како ќе изгледаат конечните списоци со ракометари на учесничките на ЕП по „селектирањето“ од страна на Ковид вирусот пред самиот старт на првенството, во следната колумна, тука на 24 Ракомет.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете.