Продолжуваат натпреварите во квалификациите за Светското првенство во 2023 година кое ќе се игра во Полска и Шведска. Репрезентациите на Грција и Турција сигурно чекорат кон следната фаза и баражот откако остварија нови победи во гупата 1.
Грција го задржа максималниот ефект после три кола со победата на гостувањето кај Косово од 20:21. Гостинската репрезентација имаше водство во текот на сите 60 минута, а на полувреме Грција имаше добра предност од 9:13.
Во продолжението Косово успеа да израмни и да се врати во натрпеварот но немаше сили за целосен пресврт. Грција во завршницата успеа да ја забележи третата победа во групата 1 и да се доближи до следната фаза во квалификациите. Малиос и Каломоирос со по шест гола беа најефикасни во составот на Грција, додека во тимот на Косово се истакна Дедај со седум гола.
Турција немаше проблеми на домашен терен да ја оствари втората победа и славеше против Белгија со 30:25. Турците имаа контрола на играта и резултатот, па на полувреме заминаа со водство од 17:14. И во продолжението домаќините играа сигурно и без проблеми обезбедија триумф.
Најефикасен во составот на Туција беше Горкем Бичер со шест гола, додека по четири постигнаа Симсар, Кутахја и Канбероглу. Во репрезентацијата на Белгија убедливо најефикасен со девет гола беше Кобе Серас.