Ракометарите на Вардар по поразот во Лигата на шампионите од составот на Загреб, им се вратија на победите и во победничка атмосфера ќе го дочекаат големото дерби против Еурофарм Пелистер во Битола.
„Црвено-црните“ прославија убедлив триумф над составот на Охрид со 33-26. Иако со 14 ракометари во ростерот и без голем дел од интернационалците, вардарци немаа поголеми проблеми со гостинскиот состав.
По 6-3 охриѓани се вратија на 6-6, но потоа влегоа во „црна дупка“ од која не успеаја да излезат. Вардар со серија од осум гола по ред зголеми на 14-6 и тука беше крајот на неизвесноста на овој натревар.
До крајот на полувремето предноста остана иста, 17-9. Во второто полувреме гостите намалија на 18-13, но потоа вардарци повторно нагазија и со серија од четири гола се одлепија на 22-13. Уште еднаш Охрид успеа да намали на минус пет, но немаше време за некаков камбек Вардар рутински го доврши натпреварот.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Дибиров со девет гола, како и Гаџа, Талески и Мишевски кои погодија по четири пати, додека од редовите на Охрид се истакна Филип Кривокапиќ со седум погодоци.