Во рамките од првото коло во втората фаза на Светското првенство во Шпанија, Бразил запиша важна победа против Австрија со 38:31 во рамките од Групата 4.
Десеткуваната репрезентација на Австрија одигра храбро во првото полувреме, иако се претпоставуваше дека репрезентацијата на Бразил ќе оствари победа без многу проблеми. Бразилките за само неколку минути игра имаа солидно водство од 6:2. Без многу идеи во нападот, Австријките почнаа да влегуваат во сериозна негатива. На десетина минути пред крајот на првиот дел, Австрија покажа добра игра и преку расположената Ковач полека фаќаше приклучок. Искусните ракометарки на Бразил девет минути беа без постигнат гол. Австрија ја искористи секоја грешка на противникот, направи одлична серија од 5:0 и се избори за нерешен резултат на полувреме, 15:15.
Долго очекуваниот пресврт беше запишан во второто полувреме кога Австрија постигна гол за нејзино прво водство на натпреварот од 16:15. Следуваше период кога двете репрезентации играа гол за гол. Австријките имаа мал пад во играта и во желбата за поволен резултат направија неколку грешки. Бразил започна да се одлепува на два до три гола разлика и успеа до самиот крај рутински да ја одработи својата задача, но и да ја надополни својата предност за конечни 38:31.
Германија со победа ја стартуваше главната фаза откако оствари лесен триумф против Конго со 29:18 во рамки на третата група. Ракометарките на Конго уште во првото полувреме потпишаа капитулација и немаа никакви шанси за силен отпор против еден од фаворитот за освојување на мундијалот во Шпанија. Во последните десет минути имаше голема опуштеност во редовите на германскиот состав, па така Конго успеа само да го ублажи поразот.
Во вечерниот термин од 20:30 часот ќе се одигра дерби натпреварот меѓу репрезентациите на Данска и Унгарија. Во истиот термин, домаќинот Шпанија ќе се соочи со незгодната репрезентација на Јапонија.