Ракометарките на Вардар во рамките од Женската лига остварија убедлива победа против Овче Поле СУ со резултат 41:22 во натпревар од 10. коло во Групата Б.
Вардарки имаа одличен старт и водство од 5:0. Гостинките од Свети Николе првиот гол го постигнаа по шест минути игра и преку Вучевска започнаа да ја намалуваат високата разлика. Иако, избраничките на Драгана Ристова имаа водство од плус пет, 9:4, ракометарките на Овче Поле СУ со неколку гола во низа се вратија во игра и се обидуваа останатиот дел од првото полувреме да го направат понеизвесен.
На десетина минути пред финишот на првиот дел, Вардар имаше минимална предност од 10:8. Ракометарките на Илија Бетувски влегоа во серија на технички грешки, па така противничката екипа драстично го зголеми своето водство и на полувреме замина со предност од 20:14.
Второто полувреме мина во потполна доминација на Вардар. На секој постигнат гол од страна на Овче Поле СУ, Вардар одговараше со три до четири гола во серија и полека ја зголемуваше својата предност која во 45. минута изнесуваше плус 14 гола разлика, 31:17. Последните петнаесетина минути беа само чиста формалност и обид на гостинскиот тим да дојде до пристоен пораз.
Во таборот на Вардар најефикасна беше Бојана Диневска со осум гола. Во листата на стрелци се запиша и голманката, Вероника Ѓорѓиевска со еден гол. Во Овче Поле СУ најефикасна беше Елена Вучевска со 11 погодоци, но немаше своја поддршка од своите колешки.
Во следното коло, Вардар на свој терен ќе го пречека Спартак, додека екипата на Овче Поле СУ ќе гостува кај Ѓорче Петров.
СУПЕР ЖЕНСКА ЛИГА – ГРУПА Б
ТАБЕЛА