Екипата на Вардар, која важи за еден од фаворитите за освојување на шампионската титула во Женската лига, денес немаше никакви проблеми против Астибо во Штип и прослави убедлива победа која беше изразена со резултат 38:25 во натпревар од 11. коло.
Избраничките на Драгана Ристова имаа фуриозен старт и уште во првите десет минути ги обезбедија новите бодови на свое конто. По водството од 7:3, ракометарките на Вардар со серија од 7:0 имаа плус 11 гола разлика, 14:3. Домаќинките одвреме – навреме постигнуваа погодок, но не можеа ништо повеќе да направат, а високиот пораз беше неизбежен откако гостинките на полувреме заминаа со предност од 17:8.
Со ист ритам се играше во второто полувреме. Вардарки едноставно доминираа на терен, а шанса да ги покажат своите квалитети имаа и ракометарките со помала минутажа од двете екипи. Гостинките на петнаесетина минути пред финишот имаа водство од 25:10. Последниот дел од натпреварот беше само формалност во која ракометарките на Вардар ни за момент не се опуштија и дополнително ја зголемија својата предност.
Одлична партија во вардаровиот дрес одигра Сара Миновска која постигна девет погодоци. Во поразената екипа листата на стрелци ја предводеше Марија Анчева со 12 погодоци.