Црногорките со тежок пораз, немоќни против поранешниот селектор и Словенија

Земјите кои следната година заедно со Македонија се организатори на Европското првенство, Словенија и Црна Гора денеска имаа дерби во 1. коло на Светското првенство во Шпанија, а Словенките обезбедија лесен триумф со високи 28:18.

Во воведниот дел од натпреварот и двете репрезентации се менуваа во водство. Репрезентацијата на Словенија со одличната голманка Амра Панжиќ полека, но сигурно градеше висока предност од 10. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме. При нерешен резултат, 4:4, следуваше серија од 7:0 за избраничките на Драган Аџиќ за водство од 11:4. Црногорките беа немоќни во обидот да ја преполоват високата негатива. Словенките речиси ја казнуваа секоја грешка на противникот и на пауза заминаа со позитива од 16:8.

Во вториот дел комплетно се распадна играта на Црногорките. Словенија обезбеди високо водство од плус десет гола разлика, 22:12, во 39 минута, а потоа имаше и плус 11, 25:14. До крајот немаше поголема промена на теренот. Последните десет минути беа само формалност и рутинско одработување на задачата од страна на Словенија која со победа го стартуваше Мундијалот во Шпанија.

Најефикасна во словенечката репрезентација беше Ана Грос со шест погодоци. Во репрезентацијата на Црна Гора се истакнаа двете поранешни ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ и Итана Грбиќ со седум, односно шест погодоци.

Србија ја доби битката против Полска откако триумфираше со 25:21. Избраничките на Урош Брегар во првото полувреме имаа подеми и падови. Иако, Србија во првите 30 минути беше доминантна, сепак, Полска успеа во последната третина од првиот дел да намали дел од негативниот резултат и на полувреме да замине со минус три разлика, 13:16.

Полска во вториот дел со неколку гола во серија се врати во игра и намали на минус еден, 19:20. На неполни десет минути пред крајот резултатот гласеше 20:20. Репрезентацијата на Србија со головите на Ловриќ и Граовац стигна на плус два 22:20 и имаше мирна завршница.

Во другите натпревари, Норвешка забележа убедлива победа против Казахстан со 46:18 и Шведска против Узбекистан со 46:15.

СВЕТСКО ПРВЕСТВО, РЕЗУЛТАТИ ОД 1. КОЛО

ГРУПА А

ФРАНЦИЈА – АНГОЛА 30:20 (13:9)

ЦРНА ГОРА – СЛОВЕНИЈА 18:28 (8:16)

ГРУПА Б

РУСИЈА – КАМЕРУН 40:18 (17:10)

СРБИЈА – ПОЛСКА 25:21 (16:13)

ГРУПА Ц

РОМАНИЈА – ИРАН 39:11 (20:3)

НОРВЕШКА – КАЗАХСТАН 46:18 (24:10)

ГРУПА Д

ХОЛАНДИЈА – ПОРТОРИКО 55:15 (23:6)

ШВЕДСКА – УЗБЕКИСТАН 46:15 (22:11)

ГРУПА Е

ГЕРМАНИЈА – ЧЕШКА 31:21 (17:10)

УНГАРИЈА – СЛОВАЧКА 35:29 (16:16)

ГРУПА Ф

ЈУЖНА КОРЕЈА – КОНГО 37:23 (22:11)

ДАНСКА – ТУНИС 34:16 (16:8)

ГРУПА Г

ХРВАТСКА – БРАЗИЛ 25:30 (12:18)

ЈАПОНИЈА – ПАРАГВАЈ 40:17 (19:10)

ГРУПА Х

ШПАНИЈА – АРГЕНТИНА 29:13 (11:10)

АВСТРИЈА – КИНА 38:27 (22:13)