Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаат водство од 16:14 после 30 минути игра против Спортинг во Лисабон во 5. коло од Лигата на Европа и ова е одлична најава за продолжението во кое ќе треба да се потврди добрата форма и да се освојат нови бодови.
Од почетокот на средбата ракометарите на Еурофарм имаа одлична игра во која многу лесно успеваа да стигнат до позиција за шут односно многу лесно главно Периќ доаѓаше до линијата од шест метри и изнудуваше удари од седум метри.
Ваквата игра после десет минути донесе предност од три гола за составот на Еурофарм Пелистер. Водството од 6:3 овозможи да се дојде до контрола на играта и на натпреварот. Немаше никакви проблеми за да се одржи ритамот во кој тимот од Битола постојано беше во предност.
Составот на Спортинг успеа да фати приклучок во 17. минута кога израмни на 8:8. Сепак, тоа беа само моменти на мала слабост кај претставникот на Македонија во Лигата на Европа и откако беше консолидирана одбраната дојде одново до водство и до плус два (11:9, 21. минута).
Тука веќе одново беше воспоставена контрола на натпреварот, а голманот Секељ бранеше на ниво кое носеше и поголема предност, па после запрениот удар од седум метри, на три минути до крајот на првиот дел водството на Еурофарм Пелистер беше 15:12. До крајот на првото полувреме резултатот стигна до 16:14, а предноста за битолчани остана на плус два.
Одличен во првите 30 минути беше голманот Секељ кој покрај шест интервенции, имаше и две пресечени топки кога влагаше од клупа при игра на презен гол така што одработе одлична задача. Најефикасни во првото полувреме се Табоада и Граџан со по три гола, по два имаат Божиќ-Павлетиќ, Маџовски, Мандалиниќ и Периќ, додека поеден гол имаат Костески и Мараш. По три гола во Спортинг имаат Шонгарт, Тавареш и Да Коста.