Ракометарите на Куманово ја остварија петата победа во рамки на групата Б во Првата лига откако на домашен терен славеа убедливо против Аеродром со 32:24 во 10. коло.
Само почетните десетина минути од дуелот беа израмнети, а потоа Куманово доминираше. Со серија од пет гола Кумановци обезбедија добра позитива, а до полувремето речиси ја обезбедија победата кога водеа 16:8.
Во продолжението Аеродром немаше сили да се врати во игра, сите обиди Куманово успешно ги одбиваше. До крај домашните ракометари рутински одиграа за нови три бода. Со оваа победа Куманово го прескокна тимот на Аеродром и сега е на четвртото место на табелта.
Најефикасен во составот на Куманово беше Виктор Петковски со шест гола, а по четири гола постигнаа Миладиновски, Димовски, Костовски и Даневски. Во екипата на Аеродром најмногу се истакна Иван Митревски со осум погодоци.