Во дерби натпреварот помеѓу екипите на Спартак и Астибо во Женската лига од Групата Б, победа запиша екипата на Спартак со резултат 25:24. Освоената победа беше прва за Спартак во новата сезона.
Избраничките на Велимир Мицевски во воведниот дел имаа солидно водство од 4:1. Ракометарките на Астибо во втората половина од првиот дел заиграа поангажирано во нападите и успеаја целосно да се вратат во игра. Гостинките од Штип израмнија на 7:7 и преку незапирливата, Стојанова, која постигна осум погодоци во првиот дел, заминаа на полувреме со предност од 12:10.
Во второто полувреме, Спартак успеа да направи пресврт во последниот дел. Со голот на Гроздановска, домаќинките израмнија на 16:16 по десет минути игра во вторите 30 минути. Двете екипи во периодот од 40. минута, па сѐ до 45. минута влегоа во серија на технички грешки. На десет минути пред самиот крај, Спартак со голот на Трајановска дојде до минимално водство од 20:19. Тоа беше причина, тренерот на Астибо, Дејан Величков да побара тајм-аут.
Со три гола во противничката мрежа, Астибо повторно дојде до пресврт, 22:21. Во клучните и одлучувачки моменти, ракометарките на гостинската екипа не беа доволно концентрирани. Спартак дојде до 24:24, а на дваесетина секунди пред финишот, Драгана Стојанова доби црвен картон бидејќи упати шут кон противничкиот гол после судиската свирка. Поради тоа, судиите досудија седмерец за домашната екипа. Гроздановска беше ефикасна од пенал линијата за 25:24. Астибо имаше десет секунди да постигне погодок и да дојде до реми, но одбраната на Спартак не дозволи лесен гол.
Најефикасна на натпреварот беше трагичарот од редовите на Астибо, Драгана Стојанова со 12 погодоци. Прв стрелец во Спартак беше Ангела Гроздановска со девет погодоци.