Костески: Адутот на Еурофарм Пелистер е одбраната, АЕК не смее да биде потценет

Ракометарите на Еурофарм Пелистер за следен ривал во рамките од 3. коло во Лига на Европа ја имаат незгодната екипа од јужниот сосед, АЕК Атина. Самите резултати од претходните две кола ги потврдуваат високите амбиции на грчкиот шампион во самото натпреварување.

Избраниците на Жељко Бабиќ со победа на овој натпревар ќе ги зголемат шансите за пласман во следната фаза од Лига на Европа. Десното крило, Ненад Костески, истакнува дека нивниот ривал е сериозен противник и не треба воопшто да биде потценет.

„Нашите очекувања сѐ да одиграме најдобро што можеме на овој натпревар кој е важен за нас, а воедно и тежок бидејќи гостуваме кај квалитетен противник кој покажа дека во првите две кола е сериозен ривал и во никој случај не смее да се потцени. Го анализиравме противникот и се надевам дека зацртаните цели ќе ги спроведеме на терен. Мотив има кај сите играчи бидејќи знаеме какво значење има овој натпревар. Нашиот адут ќе биде одбраната која е најбитна, но и клучна за победа. Нашата цел е да обезбедиме пласман во следната фаза, а секоја екипа од нашата група цели кон самото тоа“, изјави Костески за 24 Ракомет.

Екипите на Еурофарм Пелистер и АЕК Атина првиот меѓусебен дуел во рамките од Лига на Европа ќе го одиграат утре со почеток од 18:45 часот во Халкида.