Шампионот на Македонија, Вардар денеска доживеа тежок удар од составот на Еурофарм Пелистер 2 откако вториот тим на битолчани на домашен терен славеше против вардарци со 27:26. Во игра со контролирање на водството од почеток до крај победата за домашните беше потполно заслужена.
Од почетокот на средбата се виде тешка игра на вардарци кои како да не можеа да се вратат во потребниот ритам после поразот од Кил пред неколку дена. Постигнаа гол за водство преку Карапалевски, но потоа како да затаи нападот, а домашните тргнаа во посилно темпо.
Иако се знаеше кој е фаворитот на оваа средба, на теренот тоа не се забележуваше. Таму ракометарите од Еурофарм Пелистер 2 доминираа. Казнуаа постојано, а тоа водеше кон убав резултат.Во 5. минута беше 3:1, а набрзо следуваа нови три гола од домашните откако беше постигнат вториот од страна на гостинскиот состав. При 6:2 веќе требаше да се вклучи алармот и тука беше јасно дека вардарци недоволно сериозно се влезени во овој натпревар.
Домашниот тим играше сè подобро. Вујо мораше постојано со интернационалците да оди на максимум, а и тие тешко се снаоѓаа на моменти против расположените противници. Како одминуваше времето само се зголемуваше разликата која во финишот на првиот дел се искачи на највисоки плус пет, 14:9. Сепак, вардарци најдоа начин да намалат и на одмор беше 14:11 за Еурофарм Пелистер 2.
Почетокот на вториот дел донесе нова криза за Вардар. Мартин Томовски се обидуваше со одбрани да го одржи во живот тимот, но неговите колеги тешко наоѓаа игр во нападот со која ќе можат до намалување на предноста на противникот која беше постојано три или четири гола.
Надежта дека шампионот ќе се спаси од срам се појави на десетина минути до крајот од натпреварот. Тогаш предноста на Еурофарм Пелистер 2 падна на само еден гол, 22:21. До второто израмнување се дојде на три минути до крај кога резултатот беше 24:24 откако Талески реализираше. Сепак, траеше само кратко бидејќи Атанасијевиќ веднаш донесе ново водство.
Моралес израмни веќе во следниот напад, а потоа откако асеновски донесе водство, Гаџа и Талески не се разбраа при додавање и тука веќе беше јасно. Кузмановски реализираше за 27:25 и Битола можеше да почне да слави. Она што не му успеа на првиот тим, го направи вториот состав на Еурофарм Пелистер, кој денеска го сруши шампионот во салата „Боро Чурлевски“. Голот за крај за 27:26 не смени ништо бидејќи бодовите се за Еурофарм Пелистер 2.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА