Поранешна вардарка на 32 години ќе тресe мрежи во Унгарија

Поранешната ракометарка на Вардар, Екатерина Љубјанаја има нов клуб во нејзината кариера. Искусната ракометарка од Русија беше претставена како големо засилување во екипата од Унгарија, Сомбатели.

Раководството на Сомбатели и Љубјанаја потпишаа договор кој ќе важи до крајот на оваа сезона. Десното крило веднаш ќе се приклучи во екипата на Сомбатели и ќе има шанса да ги покаже своите квалитети во една од најсилните лиги во светот.

Љубјанаја претходно беше дел од Кастамону, но поради радикалните промени во тимот од Турција мораше да најде нов соодветен клуб. Русинката го носеше дресот на Боден од Шведска, Минск од Белорусија, ЦСКА и Луч од Русија, како и дресот на поранешниот македонски шампион, Вардар.

Во Вардар, Љубјанаја беше меѓу првите засилувања во екипата заедно со Ана Виноградова, Екатерина Костјукова, Нигина Саидова, Ина Суслина, Анастасија Светлова, Евгенија Жулкина и Олесија Кирии. По една сезона во првиот тим на Вардар беше прекомандувана во вториот состав.