На македонската ракометна сцена, двајцата француски интернационалци и поранешни репрезентативци Оливие и Кевин Њокас, летово беа претставени како големи засилувања во Металург. Браќата близнаци таму и ги започнаа подготовките за новата сезона, но по скоро два месеци преку ноќ се случи наместо во „Автокоманда“ тие да заминат на тренинг во „Јане Сандански“ и на изненадување на сите да станат последните две засилувања во „црвено-црните“ редови. Експресно брзо се аклиматизираа во вардаровата средина и за неполн месец, колку што го носат дресот на македонскиот првак покажаа дека Вардар направи одличен потег со тоа што ги ангажираше и двајцата, и истовремено им ја исполни големата желба – одново во кариерата да заиграат заедно.
Оливие е постариот брат, кој е роден пет минути пред Кевин. Тој игра на позицијата лев бек, додека Кевин е десен бек. Истовремено почнуваат да тренираат ракомет. Прво играат за средношколската екипа и дури на 16 години влегуваат во клуб. Причината поради која се одлучуваат за ракомет е ракометарот кој живеел во нивната зграда и кој секогаш им давал дресови, што многу им се допаднало и станале дел од клубот. Само година дена подоцна, ќе бидат скаутирани од Тјери Анти и ќе станат дел од Париз Хендбол (денешен ПСЖ). Тоа е единствениот тим во нивните кариери каде играле заедно и за втората екипа и професионално (иако тоа се само неколку натпревари).
Потоа секој ја гради кариерата посебно. Оливие ќе игра во неколку клуба во Франција, (последно е Нант со Кирил Лазаров), Шпанија, Германија, додека Кевин последните три сезони ги мина во Португалија во Бенфика, а исто така има настапи и за клубови во Бундеслигата и Франција. Двајцата имаат златни медали од големите натпреварувања со репрезентацијата на Франција, а Оливие е носител и на олимписко сребро од Игрите во Рио во 2016 година. Големиот број на тешки повреди во кариерата на Кевин се причина што тој никогаш нема да заигра на Олимпијада (иако на двапати ќе биде на поширок список), а поради тоа во 2017 одлучува и да замине од ракометот. Една година живее во Барселона комплетно во ’аут’ од било какви играчки активности, пред Бенфика да му даде шанса и да го врати во „живот“.
На 34-годишна возраст браќата дефинитивно имаат одлучено дека повеќе нема да играат за националниот тим (го потврдија тоа во интервјуто) и носат одлука дека е време да ја спојат енергијата и страста која ја имаат и за првпат професионално да заиграат за еден клуб. Ќе веруваат дека Металург е средината во која ќе го сторат тоа, но во предвечерието на новата сезона ќе се случи трансфер и тие ќе заминат во редовите на најголемиот ривал – Вардар.
„Имаме уште многу да му дадеме на ракометот, но најголема желба ни беше тоа да го сториме заедно, да играме заедно. Металург ни го овозможи тоа и беше главната причина поради која дојдовме во Македонија. Секако и проектот кој ни беше претставен при потпишувањето на договорите“, започнува Оливие, додека Кевин се надоврзува: “Кога нè разделија првиот пат, на почетокот на кариерата беше многу тешко. Никогаш претходно не бевме разделени повеќе од една седмица. Неговиот трансфер во Шпанија се случи преку ноќ, игравме пријателски меч таму и му рекоа дека клубот сака да го ангажира и тој за еден ден направи трансфер. Потоа мислам дека беше подобро што секој си ја градеше кариерата во посебна насока, се дефиниравме како индивидуи и како играчи, но секогаш останавме тука еден за друг и секогаш постоеше таа желба одново да заиграме заедно. Можеби затоа сега, комбинацијата од моето и неговото искуство, ракометното знаење и врската која ја имаме, носи експлозија кога сме заедно на теренот, оган во секој момент.“
Мислата ја продолжува Оливие: „Да бидеме јасни тимот е секогаш на првото место. Никогаш не сме ние приоритетот, но посебната врска која ја имаме е тешко да се запре. Затоа ни е многу важно она што го имаме да го дадеме во екипата и да функционираме сите заедно што е можно подобро.“
МЕТАЛУРГ Е ПРОЕКТ НА ХАРТИЈА, НЕ Е РЕАЛНОСТ
За да бидат работите (по)јасни одлучивме да одиме по ред, односно Кевин и Оливие да ни објаснат зошто и како се случи трансферот од Металург во Вардар.
„Голем број на тренери и балкански соиграчи кои ги имавме и кои ја знаат културата и случувањата во ракометот на овие простори беа против трансферот во Металург и ни велеа дека не можеме да го направиме тоа. Но ние не слушавме што другите велат, ги спакувавме куферите и семејствата и дојдовме тука поради проектот кој ни беше презентиран за време на преговорите и поради кој потпишавме договор. Кога дојдовме во Македонија не верувавме дека може луѓето да нè лажат или да нè си го почитуваат зборот и сакавме да веруваме дека се ќе биде како што треба и дека проектот ќе биде одличен, не само за нас, туку и за сите другите играчи во тимот. Првото разочарување уште пред да дојдеме во Металург беше откажувањето од настап во Европската лига, но нашата желба беше да го вратиме Металург таму каде што заслужува да биде, а и имавме одлична врска и однос со тренерот Иван (Марковски) Тој имаше визија како сакаше да го претстави клубот на играчите и како сакаше луѓето да го видат проектот Металург на кој сите се согласивме. Поминавме преку тоа, си рековме – ОК, ќе ги засукаме ракавите и ќе работиме. Првиот тренинг беше големо изненадување, затоа што имаше многу млади ракометари, и недостасуваа голем дел од играчите кои ни беше кажано дека ќе бидат во ростерот. Дека сакаме да играме покажавме во пријателските натпревари со Еурофарм Пелистер и Вардар, каде по само една недела во екипата понудивме добра игра. Ќе ја скратам приказната – бевме трпеливи скоро два месеци за да дојдеме во позиција каде ништо од она што беше договорено со клубот не беше исполнето. 10-15 години играме низ Европа и никогаш ниту еден од нас не се нашол во ваква ситуација. И повеќе беше прашање токму за тоа, во каква насока ни одат кариерите. Навистина сме среќни и благодарни што во една таква ситуација се случи трансферот во Вардар“, објаснува Кевин.
Вардар Ви даде понуда или…???
„Не знаеме како се случи точно. Во тој период веќе преговаравме со други клубови. Јас требаше да се вратам во Франција, Кевин да продолжи во друг клуб и да играме разделени. Навистина бевме разочарани, почнавме да се прашуваме како можевме да донесеме ваква погрешна одлука, дури и да ги донесеме семејствата со нас. Верувам во луѓето и имавме и договор во кој се делуваше добро, но по два месеци ни стана јасно дека сè што беше договорено е само на хартија, не постои во реалноста. Вардар се случи преку ноќ и може да бидеме само среќни и да не се сомневаме во нашата одлука затоа што ако не ни се случеше Металург, тогаш можеби никогаш немаше да се случи Вардар. Исто така сме благодарни, затоа што Вардар имаше проблем со Гурбиндо и им беше потребен само еден ракометар, а тие направија избор да земат двајца. Веруваа во нашите квалитети и ни дозволија желбата која ја имаме да играме заедно да се исполни. На крајот на денот сакам да мислам дека вака требало да биде, но моравме прво да ја поминеме сагата со Металург за да бидеме на ова среќно место“, заклучува Оливие.
ВУЈО Е ПОСЕБЕН, ВО ВАРДАР ВЕДНАШ БЕВМЕ КАКО ДОМА
За неполн месец Оливие и Кевин одлично се адаптираа во Вардар, а за тоа најдобро говорат нивните настапи во натпреварите од Лигата на шампионите.
„Тренерот е посебен и различен. Не знаев што да очекувам на почетокот. Го познавав Вујовиќ како тренер и сум играл против тимови кои тој ги водел. Знам дека е енергичен, динамичен, тој е како вода. Има многу силни карактери во тимот, но тој знае како да направи сите да функционираат. Ние не сме ниту еден месец во клубот, а веќе се чувствуваме како дел од него. Вуја има многу почит кон секој играч и ни дава многу слобода во она што може да му го дадеме на тимот, барем јас така го доживувам“, вели Кевин.
„Вуја напрви да не се чувствуваме само како двајца играчи кои дојдоа во тимот, туку тој веднаш ни даде место. Направи тимот да нè прифати. Нормално првите денови беше потешко, но сега сè е подобро, се вклопивме, го разбираме системот и брзата адаптација е благодарение на тренерот. Многу поранешни соиграчи и пријатели ме прашуваат како е да се работи со Вујо, бидејќи од страна некогаш делува лудо (се смее). Но, тој е толку човечен, тоа е неверојатно! Ти го дава она што ти е потребно, не сум имал таков тренер. Имаат сличности со Анти. Двајцата знаат како да водат група луѓе, знаат како да го извлечат најдоброто од играчите… Интересно е што секогаш ни кажува приказни. Различни приказни, тоа е неверојатно затоа што делува како обичен разговор, но на крајот секогаш има поента – секако ако знаеш и ако сакаш да ја препознаеш. Ни се допаѓаат неговите методи. Ни верува, ни дава слобода која ни е потребна. Сум имал шпански тренери кои бараат голема прецизност и те става во некои граници, додека начинот на кој Вујо ја гледа играта повеќе одговара за нас. Понекогаш мислам дека сака да ме убие (се смее), но и тоа е дел од страста во играта“, објаснува каква е неговата соработка со тренерот Вујовиќ, Оливие.
Во целата приказна секако не смеат да се изостават и соиграчите.
„Кога доаѓаат нови играчи во клубот, конкуренцијата се зголемува, тоа значи дека некој ќе ти го земе местото или пак ќе делиш минутажа со некој и нормално дека играчите не се среќни поради тоа. Не почувствувавме такво нешто кога дојдовме во Вардар. Замислете ден порано игравме за Металург пријателски меч против Вардар, а потоа се појавивме на тренинг во ’Јане Сандански’ и сите се однесуваа со нас како да сме веќе месец дена во тимот. Тимур нè пречека, сите нè поздравија и се почувствувавме многу добредојдени и мислам дека колку сме среќни во Вардар најмногу зборува начинот на кој играме“, потенцира постариот брат.
ВЕДНАШ СФАТИВМЕ ШТО ЗНАЧИ ДА НОСИШ ДРЕС НА ВАРДАР
Дел од играчите кои веќе долги години го носат „црвено-црниот“ дрес во последниве година – две знаат да кажат дека новите играчи треба да научат што значи да се носи дресот на Вардар. Сфативте ли што значи тоа?
„Тоа се чувствува во однесувањето и почитта со која тренираат. На пример Столе доаѓа прв на тренинг. Кога ќе го видиш тоа сè ти е јасно. Ние, од претходно, имаме навика порано да доаѓаме на тренинг, но Столе е секогаш тука пред нас, за да направи вежби, да се подготви за тренинг и со тоа го покажува нивото на почит кое го има кон тимот и кон клубот. Постарите играчи во Вардар даваат сè од себе на секој тренинг, на секој натпревар и во таков случај најмалку што можеш да направиш е да ги следиш или да бидеш подобар“, едногласни се близнаците Њокас.
МОРА ДА ОСТАНЕМЕ ЦВРСТО НА ЗЕМЈА, СЕЗОНАТА ЌЕ БИДЕ ДОЛГА И ТЕШКА
Вардар има одлично отворање на сезоната во Лигата на шампионите и по три кола во групната фаза засега е еден од ретките тимови кои може да се пофали дека е без пораз. Последно во Скопје падна актуелниот европски вицапрвак Алборг, па ги прашав браќата какви се размислувањата за Вардар во сезонава?
„Мора да мислиме меч за меч. Следен е Монпеље, еден од најдобрите тимови во Франција, чии квалитети одлично ги познаваме, но и тие нè знаат нас и затоа мора да мислиме чекор по чекор. Имаме одлично отворање на сезоната и тоа прави да се чувствуваме добро, но мора да останеме цврсто на земја и да работиме. Да се подготвуваме за секој следен противник ако сакаме да постигнеме нешто. Мора да го задржиме фокусот, да бидеме константни и да се бориме за она што го сакаме. Имаме одличен микс на играчи и мора да гледаме само напред. Ова е нов тим, со многу нови играчи и треба да се воиграме, да добиеме на самодоверба. Нема сигурност, ќе видиме како ќе течат работите. Засега се надевам само дека ќе играме добро против Монпеље и ќе ги победиме“, потенцира Кевин, а Оливие се надоврзува: „Свесни сме дека сè е добро, но сезоната е турбулентна и долга. Ова е само почеток мора да видиме што ќе ни донесе остатокот од сезоната.“
Што е она што можете да му го дадете на Вардар за да биде подобар?
„Поинаква енергија во тимот или на публиката. Пред сè, мислам дека може да донесеме стабилност, со неколку подобри одлуки во текот на играта што ќе не однесе на друго ниво. На пример, признавам дека и покрај победата над Алборг направив неколку грешки со кои ја загрозив позицијата на екипата. Се анализирам самиот себе си и се надевам дека во иднина со подобри одлуки на теренот во текот на мечот ќе можам да помогнам тимот да биде подобар“, вели за себе Кевин.
„Искуството кое го имаме! Сме играле многу меѓународни натпревари, двајцата имаме освоено златни медали на големи натпреварувања и мислам дека може да донесеме некои детали кои ќе нè направат подобар тим и ќе донесе подобар резултат. Тука немам стрес пред натпревар, и се чувствувам среќен. Нешто што многу го сакавме го имаме сега во Вардар и нема притисок, не сум оптоварен да постигнам повеќе голови, треба само да излеземе на терен и да го дадеме најдоброто од себе. И сигурен сум дека можеме и ќе дадеме многу повеќе за Вардар во иднина и дека ќе го подобриме и нашето ниво и нивото на тимот“, заклучува Оливие.
ВУЈО ТИ ДАВА СЛОБОДА ВО РАМКИТЕ НА НЕГОВИОТ СИСТЕМ
За првпат во ростерот на Вардар имаме четворица француски ракометари. Ако претходните години Шпанците го имаа главниот збор и се негуваше шпанскиот систем (пред се и поради тренерите на клупата) дали е можно сега Французите да донесат нешто од нивниот систем во вардаровата игра.
„Вуја беше многу смирен и многу јасен кога ни рече: ’Сега сте тука и ќе играте според мојот систем!’ – раскажува Оливие и продолжува: „Тој многу работи на тоа да ни го покаже неговиот систем и нашето искуство да го стави во служба на тимот. Не можам да кажам дека ќе внесеме некои француски тактички работи, но сигурно дека ќе има нешто и од тоа во нашата игра. Ние ќе се обидуваме да го следиме и да го исполнуваме она што го бара од нас.“
Интересно од една страна играте во негов систем, но од друга велите дека имате слобода.
„Да! Вујо нè остава да играме слободно, но се додека ги почитуваме неговите барања. Слобода во системот кој тој го дефинира“, објаснува Кевин.
ЕМ РАКОМЕТ, ЕМ БИЗНИС
Оливие и Кевин Њокас дозволија да ги запознаеме и приватно. Открија дека покрај ракометот двајцата имаат приватен бизнис. Оливие покрај завршен мастер во спортски менаџмент води и компанија во Франција која инвестира во недвижнини. Кевин, пак, од 2015 година управува со компанија со автомобили, која изнајмува возила во Германија и Франција.
„Низ кариерата сме виделе многу примери на спортисти кои не ги инвестирале и насочиле парите кои ги заработиле во вистинска насока. Ако си среќен ракометната кариера ќе ти трае 20 години“, вели Оливие, а Кевин дофрла: „Ако си Кирил Лазаров“ (се смеат двајцата) но повеќето спортисти не се толку среќни и мора да се мисли и на иднината. Времето е пари и ние го посветуваме на нашите бизниси доколку сакаме да го задржиме животниот стил кој го имаме во моментов“, исто размислуваат браќата.
ЗА ПОЈАДОК ЗАДОЛЖИТЕЛНО БУРЕК И АЈВАР
Во Скопје Оливие и Кевин се дојдени со нивните семејства и сите живеат заедно во иста куќа. Велат дека тоа е нивниот „среќен меур“, веќе се адаптираат на градот, децата им тргнаа на училиште. Нашата престолнина пријатно ги изненадила, а особено одушевени се од храната, особено од бурек и ајвар.
„На почетокот имавме сомнежи, затоа што сме играле на многу места и сме се среќавале со секакви ситуации. Не ја знаевме средината, културата, но може да кажеме дека Скопје пријатно нè изненади. Сите живееме заедно во една куќа, одлично се адаптиравме, животот е убав тука. Се што сакаш можеш да најдеш, има толку различни места во градот. Храната е одлична. За доручек задолжителен е бурек – децата го обожуваат. И ајвар исто така. Посетивме и неколку кафеани во Дебар маало, навистина уживаме тука“, едногласни се близнаците по тоа прашање, а Кевин вели: Сум живеел на различни места и тука навистина се чувствувам среќен и јас и моето семејство. Живеев на места каде беше ужасно, секое утре ќе погледнев низ прозорцот и си велев: ’тоа е мојот живот’. Во Скопје би можел и да останам да живеам дури и кога не би играл повеќе за Вардар.“
АТМОСФЕРАТА Е ЛУДИЛО, ПУБЛИКАТА ТИ ДАВА КРИЛЈА
Оливие како играч на Нант го има почувствувано скопскиот пекол и атмосферата во „Јане Сандански“, додека Кевин премиерното искуство го има сезонава. Тој е фасциниран.
„Навистина е чудесно кога чувствуваш колку луѓето се страстни и колку го сакаат и почитуваат клубот за кој играш и таквиот нивен однос ти дава мотивација за да бидеш уште подобар на теренот и да ги направиш среќни и да делиш со нив големи моменти. Факт е дека сме навикнати да играме пред полни сали и публика, но морам да ви кажам нешто – прв пат во мојата кариера го гледам ова! Салата не е ни полна, а ние не можеме да слушнеме никој и ништо. Неверојатно! Атмосферата е лудило! Никаде не сум видел домашна публика која навива вака. Во Шамбери публиката е прекрасна и во Германија, но ништо не се споредува со ова! Ова што го прави публиката ти дава крилја! Крилја со кои можеш да го носиш светот. Фантастично!“