Истите четири екипи што и лани се бореа за трофејот во Лигата на Европа, ќе се борат и оваа сезона во Хамбург на 30 и 31 мај.
По Монпелје и Фленсбург, на Ф4 се пласираа и Мелсунген и Кил, па ќе има три германски екипи и една француска на завршниот турнир.
Мелсунген загуби кај Порто со 23-19, но триумфот од пет гола на првата средба беше доволен за место на Ф4.
Најинтересно беше во Кил, каде „зебрите“ кои бркаа негатива од три гола по првиот меч, славеа со 30-27, па мечот мораше да се решава на пенали. Претходно бундеслигашот водеше со шест гола, но тимот од Нашице успеа да се врати во игра и за малку не приреди сензација.
Во пенал серијата, по еден удар одбранија Волф и Де Варгас, а Кил ги погоди сите и на крајот прослави триумф со 34-29.

























