На гостувањето во Радовиш, кај истоимениот состав, Струга славеше победа со 22:19 во рамките од првото коло од Супер лигата.
Екипата на Радовиш по пет минути игра имаше водство од 3:2 со головите на Стојановски, Органџиев и Трајанов. Избраниците на Наум Танески со серија од 2:0 стигнаа до минимално водство од 4:3. Во следните минути се играше израмнето, а по 15 минути игра резултатот беше 7:7.
Неизвесноста на теренот продолжи до крајот на првото полувреме. Струга на моменти имаше можност да се одлепи на два разлика при водство од 8:7 и 9:8, но домаќините не дозволуваа противникот да направи поголема предност, па после 30 минути игра, Струга замина со предност од 11:10.
Во второто полувреме составот на Струга конечно дојде до два позитива, 12:10. Гостинската екипа направи неколку технички грешки и поради тоа, Радовиш повторно се врати во игра за освојување на бодовите и по долго време конечно дојде до водство, 13:12. Ова се случи после десет минути игра во вториот дел.
За неколку минути, ракометарите на Струга го вратија водството и преку Блажевски во 48. минута имаа предност од 16:14. Црногорскиот интернационалец, Кастратовиќ ги донесе највисоките три гола разлика за неговата екипа, 17:14. Струга во последните пет минути рутински го одржа своето водство и заслужено се израдува на бодовите во новата сезона од Супер лигата.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Струга, Бобан Блажевски со 11 гола. Во Радовиш, Зоран Стојановски беше прв стрелец со четири погодоци.
Струга во второто коло на свој терен го пречекува Охрид во езерското дерби. Составот на Радовиш ќе гостува во Скопје кај актуелниот шампион на Македонија, Вардар.